„Сникерс“, „марс“ и „баунти“ на европскиот пазар, за разлика од американскиот, се без ГМО

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Познатите чоколади „марс“, „баунти“, „твикс“, „сникерс“ „милки веј“ на американскиот пазар добија нови декларации на кои пишува дека во својот состав содржат генетички модифицирани организми. ГМО има и во популарните бонбони „М и М“, но и во гумите за џвакање „вригли“ кои се продаваат во нивните маркети, а кои се од истиот производител. На ваков чекор производителите се решиле, според нивни изјави, со намера да не ги држат во заблуда потрошувачите, но во суштина првенствено за да се приспособат на нивните закони според кои од јуни годинава секој производ што содржи ГМО мора да е соодветно обележан. Овие производи им се добро познати и на нашите купувачи и ги има и на нашиот пазар. Но на декларациите не може да се прочита дека имаат генетички модифицирани организми. Во регионалната канцеларија на компанијата „Марс“ за Европа велат дека нашите љубители на овие слатки задоволства можат мирно да спијат.

snikers mars i baunti na evropskiot pazar za razlika od amerikanskiot se bez gmo

 

Се работи според регионалните закони

Според нив, во земјава производите на горенаведените компании се без ГМО и се приспособени на вкусовите на потрошувачите и важечките закони во секој регион. Дека присуството на ГМО во која било храна кај нас е забранета со закон, потврдија и во Агенцијата за храна.

Kорпоративниот менаџер за Европа на американскиот производител „Марс“, Миндаугас Рупсис, потврди дека во САД од пред неколку дена на декларациите на познатите чоколатца, бонбони и мастики стои оти покрај присуство на емулгатори, шеќери и други состојки, има и ГМО.

– Нашата фирма многу големо внимание им посветува на потрошувачите и ние како фирма квалитетот на храната го сфаќаме многу сериозно. Сите состојки што ги користиме во нашите производи се во согласност со законите и правилниците на секоја земја во која тие се продаваат. Затоа одговорно тврдам дека сите производи на „Марс“ увезени од официјални дистрибутери во Македонија се без ГМО – вели Рупсис. Според него, обележувањето на ГМО е новина и во Америка и станува задолжително од јуни годинава.

– Во 2014 година, државата Вермонт (САД) донесе закон за задолжително обележување генетички модифицирани организми на секоја декларација. Тоа треба да стане пракса за сите од јуни годинава. На нашите производи за американскиот пазар веќе е почнато. Но тоа не значи дека составот е ист за сите пазари. Ние зависиме од нашите потрошувачи и имаме цел да испорачаме производи што одговараат на различни вкусови во различни делови од светот – вели Рупсис. Според него, состојките за секоја држава се во согласност со нивните закони и се секогаш јасно и недвосмислено обележани.

Различни вкусови

Во Агенцијата за храна велат дека нашиот закон не дозволува присуство на ГМО.

– Законот е јасен и дециден и е во согласност со европските правилници и закони. Kај нас строго се забранува присуство на ГМО во храна – велат во Агенцијата.

Пред неколку дена американските медиуми објавија дека познатите намирници имаат нова декларација, на која јасно се чита дека во својот состав имаат генетички модифицирани организми. Претседателот на американската компанија „Kелогс” (производител на „Kорн флекс“ и низа слични производи) за Северна Америка, Пол Норман, изјави дека довербата на потрошувачите им е многу битна и затоа не сакаат да ги држат во заблуда. Во САД употребата на ГМО е легална.

– Декларациите треба да се читаат и ќе настојуваме да ги поттикнеме сите да носат униформирани закони за обележување ГМО на ниво на цела Америка – вели Норман.

Во компанијата објаснуваат дека имаат многу фабрики низ светот кои ги прават истите чоколади и бонбони, но и жита и мастики, а состојките се приспособени на нивните закони.

– Знаеме што очекуваат потрошувачите во Европа и затоа во производите наменети за овој пазар не користиме генетички модифицирана пченка ниту соја – велат во фабриките.