Со 10 милиони денари ќе се бараат пестициди и тешки метали во храната
Сладолед, бебешка храна, но и мелено месо и овошје и зеленчук се само дел од производите што годинава ќе бидат секојдневно под лупа на Агенцијата за храна. Програмата е веќе донесена, а за нејзино спроведување ќе се потрошат околу 10 милиони денари. Според програмата, годинава во храната ќе се бараат тешки метали, пестициди, бактерии како салмонела и листерија, која пред две години беше причина за неколку смртни случаи, но и генетски модифицирана храна, микотоксини и нитрати, кои се остатоци од вештачки ѓубрива.
Според Агенцијата, еднакво ќе се контролираат и домашните производи, но и увозната храна. Мониторинг-програмата се спроведува трета година по ред и секоја година се зголемуваат средствата за таа намена. Kако резултат лани вратени или нештетно уништени беа небезбедни пратки на храна од Турција, Kина и од Албанија.
Годинава согласно планот за спроведување на мониторинг-програмата, вкупниот број мостри храна или материјали и производите што доаѓаат во контакт со храната што ќе бидат земени и анализирани изнесува 2.241. Најмногу мостри ќе се земат за утврдување микотоксини 480, 455 за остатоци од пестициди, трети на листата се контролите на бактериите со 410 мостри, потоа 166 ќе се земаат од храната наменета за доенчиња, 150 мостри за присуство на ГМО во храна. Под лупа ќе биде и органското производство со 100 случајни мостри, а околу 150 мостри се предвидени за материјали кои доаѓаат во контакт со храната.
Се контролира секоја храна
Во Агенцијата велат дека мониторирањето на штетните агенси во храната се врши согласно препораките на Европската Унија со единствена цел производство, промет и пуштање на безбедна храна на пазарот, заштита на потрошувачите.
– Спроведувањето на мониторингот на безбедноста на храната е законска обврска на Агенцијата и истата е во согласност со европските програми за мониторинг и препораките на Светската здравствена организација. Освен за храната, воспоставен е и мониторинг на материјалите и производите што доаѓаат во контакт со храната (керамички производи, детски шишенца и бебешки цуцли), бидејќи и тие имаат влијание врз нејзината безбедност – велат во Агенцијата. Оттаму објаснуваат дека мострите се земаат во определен временски период, од определен вид и количина на храна.
– Од вкупно предвидените 2.075 мостри што лани биле предвидени со програмата, испитани се присуство на остатоци од пестициди во 455 мостри на овошје и зеленчук. Мониторингот за определување присуство на тешки метали и нитрати се реализира со испитување на 210 мостри овошје и зеленчук. Се врши и испитување присуство на тешки метали во почвата – велат во Агенцијата.
Храната е безбедна
Во однос на мониторирањето остатоци од пестициди кај овошјето и зеленчукот (домати, пиперки, морков, компир, краставици, јаболка, грозје, лубеници, праски, јагоди и други кои традиционално се произведуваат кај нас), во 2014 година од вкупниот број анализирани мостри само една била позитивна. Станува збор за мостра на кромид земена од велешкиот регион. За 2015 година резултатите дополнително ќе се знаат за неколку месеци. Во моментов се собираат податоци од направените анализи. Според програмата мостри се земаат од секаде, од откупните пунктови за овошје и зеленчук, од зелените пазари, во специфичниот период на берба, но и од нивите во регионите кои се карактеристични за производство на одредени видови зеленчук и овошје.
– Испитувањата на земените мостри за утврдување на евентуално присуство на остатоци од пестициди над максимално дозволените концентрации се врши во лабораториите на Државната фитосанитарна лабораторија. Лани биле земени дополнителни 60 мостри од овошје и зеленчук за лабораториско испитување – велат во Агенцијата.