fbpx
Вести

Со 2 милиона денари ќе се испитуваат адитиви и конзерванси во храната по маркетите

Во текот на годинава планирано е да се купат 1.270 производи, а ќе се испитуваат вештачки бои, нитрати, конзерванси и други состојки, кои ги нема на декларациите во кондиторските и млечните производи, месото и месните преработки, соковите и пекарските производи.

so 2 miliona denari kje se ispituvaat aditivi i konzervansi vo hranata po marketite

 

Агенцијата за храна ќе купува производи од големите трговски објекти со цел да го испита нивниот квалитет во независни лаборатории. За оваа цел се одвоени над 2 милиона денари наменети за испитувања, а во текот на оваа година планирано е да се купат и мониторираат 1.270 производи. За секој шопинг во одреден голем маркет предвидено е да се потрошат 10 отсто од средствата планирани за секој мониторинг поединечно. Во Агенцијата велат дека целта на оваа програма е контрола и превентива на одделни физички, хемиски и биолошки опасности во храната. Ќе се контролираат адитиви во одделни видови или категории храна, нутритивните состојки или други нови опасности што би се појавиле, се со цел да се консумира безбедна храна. Со Програмата на Агенцијата предвидено е да купуваат и контролираат кондиторски производи, млечни производи, месо и месни преработки, сокови, но и пекарски производи.

akademik29

Контрола на конзерванси

– Безбедноста на храната е на прво место и затоа годинава со посебна програма се решивме на ваков чекор. Ќе се прави мониторинг за контрола и превентива на прехранбени бои во храната, контрола на конзерванси, на нитрити и нитрати во месо и месни преработки, полифосфати во месни производи, но и мониторинг за контрола на засладувачи во храната. Исто така ќе се прави контрола на количината на нутритивни состојки во храната велат во Агенцијата за храна. Со истите средства ќе купуваат и производи за кои постои сомнеж дека во нив има состојки што не се декларирани.

– Предвиден е мониторинг за контрола на прехранбени производи за кои постои сомнеж дека содржат состојки што не се дадени во означувањето на храната и од нив постои некаква опасност за здравјето на луѓето. Предвидено е особено внимание да му се посвети на користењето на вештачките бои. Ќе се испитуваат прехранбените бои во речиси сите намирници, но посебно ќе се обрне внимание на боите во месото и месните преработки и освежителните безалкохолни пијалаци велат во Агенцијата. Според програмата за спроведување на овој мониторинг, предвидени се лабораториски испитувања на 150 мостри храна за што предвидени се 300.000 денари. Контролата на прехранбените бои треба да е во согласност со Правилникот за адитиви што можат да се употребуваат во производство на храна.

Контрола на конзерванси во храната ќе се прави кај готови јадења, овошни сокови, безалкохолни пијалаци, колбаси, но и мармалади и џемови. Конзерванси ќе се испитуваат и во детски кашички и сокчиња, но и во супи, мајонези и маргарини. За оваа цел треба да се земат 250 мостри.

372164-svetik

Нитрити и нитрати во месо

Посебни контроли ќе се прават и за присуство на нитрити и нитрати во месото и месните преработки. Под лупа ќе бидат сите паштети, салами, колбаси, но и месни конзерви. Исто така ќе се испитуваат трајните месни преработки, a предвидено е да се земат 300 мостри. Во месото ќе се испитуваат и полифосфати. За оваа цел ќе се земат 150 мостри храна.

– Годинава внимание ќе им се посвети и на контролата на засладувачи во млекото и млечните производи, сладоледи и пудинзи, но и во преработените овошје, зеленчук, печурки и нивни производи. Ќе се испитува шеќер и во кекси, колачи, тестенини, листести теста и слично. Ќе се земаат мостри и од производи од какао, производи слични на чоколадо, бонбони и кремови, гуми за џвакање, стои во Правилникот. Предвидено е овде да се земаат 250 мостри.

Агенцијата ќе ги контролира и количината на нутритивни состојки во храната, односно количината на протеини, јаглехидрати, влакна и масти. За спроведување на мониторингот предвидени се лабораториски испитувања на 150 мостри храна. Годинава ќе се прави и контрола на прехранбени производи за кои постои сомнеж дека содржат состојки што не се наведени во означувањето на храната или други нови опасности.

Земањето мостри ќе се врши по информации добиени од НАССР-системот за безбедност на храна и со проверка на регистрите на одобрени производи и определување можен ризик од појава на опасност од непријавена состојка или неодобрена состојка во производот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close