Со авионско засејување врз градоносни облаци вчера беа заштитени земјоделските површини
УХМР преку радарските центри континуирано ќе ја следи временската состојба и ќе делува секогаш кога за тоа ќе има потреба, со единствена цел - заштита на земјоделските површини и трудот на земјоделците.
Управата за хидрометеоролошки работи и Аероклуб Скопје, во текот на вчерашниот ден имаа прво дејство за авионско засејување врз градоносни облаци за оваа година, со вкупно 17 палки сребрен јодид.
Првото успешно дејство е во регионот на Овче Поле каде е дејствувано од 13:50 часот до 14:05, со вкупно 6 палки. Дејствувано е врз потенцијално опасен градоносен облак, кој во понатамошниот тек даде појава на пороен дожд, информираат од МЗШВ .
Второто дејство е во Скопско – кумановскиот регион каде е дејствувано со 6 палки во времетраење од 14:47 до 15:08 часот. Дејството врз градоносниот облак даде појава на ретка суградица.
Третото дејствување е во Општина Лозово, во периодот од 15:56 до 16:00 часот, со вкупно 5 палки, врз градоносен облак, кој даде појава на пороен дожд.
Со ваквата активност, беа заштитени земјоделските површини од временската непогода која можеше да предизвика големи штети. УХМР преку радарските центри континуирано ќе ја следи временската состојба и ќе делува секогаш кога за тоа ќе има потреба, со единствена цел – заштита на земјоделските површини и трудот на земјоделците.