fbpx
Вести

Со калемење облагородил над 12.000 круши низ Македонија

Мисијата на професорот Јордан Kузмановски од Битола

big_27f94a270f8b83d658e1f07f001ffb0e

За планинарите, сточарите и други рекреативци кои шетаат низ шумските предели во југозападна Македонија пријатно изненадување е кога ќе наидат на дрво со големи и вкусни круши. Овошките ќе ги освежат и ќе ги натераат да се запрашат кој насадил ваква сорта круши на терен оддалечен од градовите и селата. Тоа се всушност крушите што битолскиот агроном Јордан Kузмановски ги облагородува веќе единаесет години во разни краишта во земјава. За овој период искалемил над 12.000 стебла круши, сите крај ливади, полиња и излетнички места за да можат да ги заблажат случајните минувачи.

– Тоа се претежно круши „горници“, кои се многу ситни. Најчесто ги чукаат и тресат сточарите за да ги јадат овците или свињите, а ние ги облагородуваме и добиваме квалитетни сорти круша – „вилјамовка“, „санта марија“ или „кантарка“. Тоа се убави сорти кои се среќаваат и на пазарите – вели Kузмановски.

Учениците, наместо на компјутер, на калемење

Меракот за калемење му е од студентските денови.

– Професорот Борче Ристевски на Земјоделскиот факултет ми предаваше овоштарство и ме научи да бидам добар калемар. Kога ќе одевме на калемење во скопско Рашче, мене ме ставаше за одговорен на студентската група калемари. Така го засакав калемењето и си ветив дека еден ден ќе поведам голема акција за калемење овошки во Македонија – додава Kузмановски.

И навистина тргна по стапките на својот професор. Пред повеќе години, кога стана директор на средното земјоделско училиште „Kузман Шапкарев“ во Битола, почна да ги учи средношколците да калемат круши. Акциите ги почна во 2005 година во излетничкото место Kоњарка во близина на селото Скочивир, Битолско. Откако учениците пројавија интерес за калемењето, организираните акции продолжија во следните години во Мариовско.

– Денес децата имаат разни удобности и интересни хобија, но ме изненади тоа што во овој свет на електроника во кој живеат, сепак пројавија интерес за калемење овошки. Јас организирав дводневни акции со спиење во Мариово и да можев да обезбедам уште превоз и други ученици ќе дојдеа – раскажува Kузмановски.

Ридовите ни се полни со круша „горница“

Го прашавме зошто од сите овошки се одлучи да калеми токму круши?

– Речиси сите наши ридови во Македонија се доста богати со дива круша – „горница“. Има и сливи, но многу малку. Исто така, и цреши, но малку можеби на 50 хектари ќе најдеме 4-5 корења. Затоа, пак, круша има многу. Најчесто се калемат со некои поотпорни круши, како што се „вилјамовка“, „санта марија“ и „кантарка“. Често пати, за проба стававме на еден корен по шест до седум сорти – вели Kузмановски.

Годинава како професор од земјоделското училиште со ученици од Битола, Прилеп и Ресен искалемија преку 1.000 круши во Демир Хисар.

– Оваа круша е вкусна и свежа, а од неа можат да се приготват џемови и сокови. Предност е тоа што не е прскана со пестициди. Тие се органско производство, здрава храна – вели Kузмановски.

Ги собра сите калемари и агрономи на едно место

Мисијата за облагородување на дивите овошки по ридовите ја продолжи и додека пет години беше директор на Агенцијата за развој на земјоделството во Битола. Ги вклучи агрономите од сите подружници во земјава, како и другите калемари од Македонија.

– Во 2010 година во Чашка се собравме 143 калемари од цела Македонија и ни се приклучија и 90 агрономи од Агенцијата. Агрономите кои претходно комуницираа и соработуваа преку телефон тогаш првпат се видоа лично, заедно работеа на терен – додава Kузмановски.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close