Социјално претприемништво како терапија, со органско производство во борба против зависност од дрога
Триесетина сертифицирани органски производи растат под пластениците на терапевтската заедница „Покров“ од Струмица. За нивното производство се задолжени експерти агрономи, но и корисници на услугите на заедницата за борба против зависности од дрога, алкохол и коцкање. Оваа заедница е меѓу пионерите кога станува збор за социјалното претприемништво во Македонија. Одговорните велат дека финансиската поддршка им е важна, особено од ресорното министерство за покривање на трошоците на 32 корисници.
„Тоа во многу ќе значи и во создавање на една стабилна социјална економија во терапевтската заедница „Покров“ бидејќи социјалната економија кај нас значи во два правци, од една страна им помага на клиентите да станат работни, одговорни, да стекнат работни навики, а од друга страна ја градиме нашата самоодржливост. Така да ќе имаме двојна корист од овој договор, ќе имаме повеќе финансиски ресурси и ќе можеме до 2020 година да станеме самоодржливи“, вели Сократ Манчев, раководител на терапевтската заедница „Покров“.
Во Македонија сè уште не постои цврста законска рамка во која функционираат социјалните претпријатија. Затоа, експертите сугерираат приматот да го земат локалните власти кои може да им помагаат на овие компании, идејата да стане реализација.
„Да им дадат одредени бенефиции на за тие да можат понатаму да се развијат. Меѓутоа и не треба да се чека на нов закон, стратегија или друг документ што тоа ќе го определи. Иницијативите веќе одамна постојат, локалните заедници, општините, можат да ги поттикнат со директна поддршка. Дали во рамки на она што веќе го прават преку локален економски развој ги поттикнуваат претпријатијата, едноставно да ги вметнат во посебен сегмент и социјалните претпријатија. Нив секако им се потребни ресурси, кревање на капацитетите и се она што на секој бизнис му недостасува“, вели Виктор Мирчевски, програмски директот во „Конект“.
Ќе ги препознае ли Македонија потенцијалите на социјалното претприемништво? Во Европа 10 проценти од Бруто домашниот производ го создаваат социјалните економии. Секое четврто кое се формира е исто така социјално претпријатие. Овие економии биле и многу поотпорни на економската финансиска криза, покажуваат индикаторите.
Помошта за социјалните претпријатија може да дојде и од компаниите. Од „Покров“ велат дека склучиле договори со Тинекс, Зегин, Наша земја, за продажба и пласман на нивното органско произвоство. Компаниите добавувачи, велат дека немале дилема околу одлуката дали на нивните полици да се најдат производи од социјални претпријатија.
„Сите дилеми и сомнежи се урнаа кога пред извесно време дојдовме во „покров“ и видовме како тие работат и што произведуваат. И потоа се јави моментот на општествена одговорност, и посакавме да им помогнеме, како што постариот брат му помага на помалиот, држејќи го под пазуви, да прооди“, изјави Соња Бојаровска, координатор за општествена одговорност „Тинекс“.
Освен помошта од централната или локалната власт, бизнис секторот, и меѓународните фондови, и банките може да бидат партнер во социјалните економии препознавајќи го нивниот потенцијал и исплатливост.