Сојата и сточниот грашок спаѓаат во фамилијата на легуминози и се користат во исхраната на добитокот како протеински крмива.
Интензивното производство бара и квалитетна и избалансирана исхрана на животните, што подразбира да се направи добра комбинација на внесување доволно количество енергија и протеини во оброкот, како и доволно количество минерали и витамини. Сојата и сточниот грашок спаѓаат во фамилијата на легуминози и се користат во исхраната на добитокот како протеински крмива.
Сојата во исхраната може да се користи во вид на соина сачма и погачи, кои се нуспроизводи на прехранбената индустрија. Зрното од соја на овој начин е обезмастено за потребите на индустријата, а крајниот производ содржи 30-40% протеини со исклучителен квалитет и аминокиселински состав. За да може зрното од соја да се користи како сточна храна, потребно е термички да се обработи екструдира (препржи, тостира или свари) на најмалку 107°С за време од 10 минути, за да се уништат инхибиторите – ензими кои го блокираат варењето на храната особено кај непреживарите и младите преживари. Кај молзни крави може да се употреби и свежо зрно од соја, но најмногу до 10% од вкупната дажба (максимум до 2 кг сирово зрно дневно), со што се намалува- ат трошоците за протеински крмива, со оглед на тоа што може да се произведе на сопственото стопанство. Недостаток е тешкото мелење на сојата поради лепењето за ѕидовите од мелниците и краткиот рок на чување (4-5 дена), затоа што поради високиот процент на масти може да ужегне. Примената на сурова соја не смее да се користи ако во оброкот е вклучена и уреа, затоа што сојата ја разградува уреата до амонијак кој доведува до надувување на грлата. Тостираната соја е одлично крмиво за тов на бројлери во количество од 25%, дава доволно енергија потребна за таа категорија, а исто така маслото што го содржи ја замастува сточната храна со што се намалува прашината, а со тоа се намалува надразнувањето на слузницата од носот кај бројлерите.
Сточниот грашок е едно од најбогатите крмива со протеини. Неговата употреба има многу предности: не бара доработка пред употреба, едноставен е и лесно се одгледува, рано доспева што овозможува уште еден посев истата година и ја остава почвата оплемената со азот. Сточниот грашок и на нашите простори дава сигурен принос, може да се произведе на сопствената нива, со што се намалуваат трошоците во сточарското производство. Зависно од сортата, грашокот содржи 20-28% протеини со добар аминокиселински состав. Енергетскиот дел од зрното најмногу го сочинува скробот, а помалку шеќерот кој варира од времето на жетвата. Погоден е за исхрана на стоката во сите фази од развојот. Во зелена состојба за исхрана на молзни крави, во млечно-восочна фаза на зрелост на зрното за сенажа (се силира целото растение), сувото зрно како прекрупа во состав на крмните смески и, на крај, и сламата која добитокот радо ја јаде. Поради високото ниво на лизин, а ниско ниво на метионин и цистин, одлични резултати дава кога се комбинира со сончогледова сачма, која има обратен состав. Поради сето ова, сточниот грашок е култура која сосема оправдано би требало да биде засеана на нивите на сточарските производители.
Извор: Моја земја