fbpx
Вино

Совети за дегустација на виното

Дегустацијата на виното претставува сетилно испитување и евалуација на виното. Притоа се користат сетилото за вид, сетилото за мирис и сетилото за вкус. Професионалните дегустатори користат формална терминологија за да ги опишат квалитетот и карактеристиките на виното кое го дегустираат, а на сличен начин се врши и неформална, рекреативна дегустација за да се искаже личното мислење и оценка за одредено вино.

Чекор 1 – Сетило за вид

При дегустацијата, најнапред се гледа бојата на виното, најчесто наспроти бела заднина. Виното треба да биде идеално бистро, а со провртување на чашата се забележуваат траги по нејзините внатрешни ѕидови кои се нарекуваат „нозе“ или „солзи“ и брзината со која се спуштаат по ѕидот од чашата е индикатор за количеството на алкохол во виното, како и на екстрактот на грозје. Бојата на белите вина се движи од зеленкаво-жолта до златно-жолта, кај црвените од црвенопурпурна до рубин-црвена боја. Бојата на виното зависи од сортата, методот на винификација и регионот каде што е произведено, и варира во зависност од неговата старост. Розе виното може да има посветла или потемна розова боја или розеникава боја со портокалови тонови.

soveti za degustacija na vinoto

 

Чекор 2 – Сетило за мирис

Пред да се помириса, виното се провртува во чашата за да се ослободат аромите. Различните мириси кои ќе ги откриете во виното се нарекуваат буке (француски bouquet) и тие ги навестуваат карактеристиките на виното. Секоја сорта грозје има свои карактеристични ароми. Тие се нарекуваат примарни затоа што произлегуваат од материите кои ги содржи самото грозје. Секундарните ароми се јавуваат како резултат на процесот на ферментација, а терцијарните ароми настануваат во текот на зреењето на виното и најтешко се забележуваат. Аромите кои може да се пронајдат со сетилото за мирис можат да бидат класифицирани во неколку групи: овошни, цветни, зачински, вегетациски, земјени, дрвенести, хемиски, микробиолошки, јаткасти, карамел и освежителни. Доколку во процесот на винификација виното е ферментирано или одлежувано во дабови буриња – барик, ќе се појават карактеристични ароми на ванила, препечен леб, кафе, чад, црна чоколада. Но, можно е виното да има и непријатен мирис и да почувствувате мирис на оцет, мувла, мокра крпа, влага и сл. Овие мириси се непожелни и укажуваат на проблем со виното.

Чекор 3 – Сетило за вкус

Виното треба да дојде во допир со непцето и јазикот за да се почувствува неговиот вкус и тежина. На тој начин се утврдува дали има лесно, средно или полно тело. Исто така, со сетилото за вкус се утврдува неговата блажина, киселост и горчина. Доколку вовлечете воздух додека виното се наоѓа во устата, ќе го почувствувате неговиот вкус со поголем интензитет. Исто така, со вкусување црвено вино ќе го откриете танинот, природна состојка која е содржана во лушпата, семките и петелките од грозјето. Кај младите вина, танинот има поостар и интензивен вкус, додека со текот на времето зрее и омекнува. Може да забележите и таканаречени „зелени“ танини, кои се јавуваат доколку виното е направено од недоволно зрело грозје и оваа карактеристика не е пожелна за едно вино. Вкусувањето на виното ќе овозможи да процените и колку долго трае вкусот откако ќе се напиете. Долготрајноста на вкусот е одлика за квалитет. Општо правило е дека доброто вино се одликува со беспрекорна хармонија меѓу вкусот, аромите, киселоста, алкохолот и танините.

Општоприфатена вистина е дека поквалитетните вина се одликуваат со поголема комплексност на вкусови и мириси, и доколку енолозите успеат да дадат посебен карактер на виното и да го направат неговиот вкус единствен, тогаш таквото вино навистина знае да ги освои љубителите на вино со најпребирлив вкус.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close