fbpx
Вести

Србите се жалат на квалитетот на пченицата, Македонците месат леб

Квалитетот на пченица произведенa во Србија од годинашната реколта е полош од претходните години и затоа мелничката индустрија во Србија има големи проблеми да произведе квалитетно брашно, особено брашно за производство на бурек, лиснато тесто и други пекарски производи. Како што објави белградска „Политика“, годинава било остварено најголемо производство на пченица од 1994 година наваму, околу три милиони тони, но квалитетот на зрното е релативно лош. Се проценува дека најмалку половина од ова количество на жито ќе биде продадено како сточна храна. Во Македонија во изминативе години се увезуваат големи количества брашно и пченица од Србија, и тоа со пониска цена од домашното производство, што, според инволвираните, е една од главните причини за континуираното намалување на површините засадени со пченица во земјава.

– Српската пченица и брашно не се поквалитетни од домашното, но се со многу пониска цена и поради тоа се увезува во големи количества, а тоа го уништува домашното производство. Пченицата бега од македонските ниви. Од некогашните 120-130 илјади хектари посеани со пченица, денеска се сеат само околу 15 илјади хектари. Опасноста е дека во иднина пченицата ќе се сади на уште помали површини, па дури може и да ја снема од нивите, како што се случи со сончогледот и ’ржот. Иако имавме барања да се воведе ред во увозот на брашно, не како сега кој стигне да увезува, тие не се испочитувани – вели Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци.
Тој додава дека иако нема точни бројки колку пченица се увезува, сепак, се знае дека количествата се огромни. Тантаров напоменува дека не е убаво кога ќе се слушне дека во самата Србија зборуваат дека пченицата им е со низок квалитет и дека треба да се намени за добиточна храна, додека во нашата земја се увезуваат големи количества пченица и брашно без контроли и без потребниот квалитет.

– Ако квалитетот на брашното и пченицата во Србија е слаб, тогаш каков е во Македонија, која е увозник на брашно и пченица од Србија – прашува претседателот на земјоделското здружението „Агрофаланга“, Љупче Станковски.

Според него, најголема причина за неквалитетниот леб е алчноста на трговците и производителите. Тој појаснува дека некогаш лебот се изработувал од брашно, сол и квасец, а денес во него има конзерванси, палмина маст, соино брашно, подобрувачи на вкус и слично. Станковски истакна дека во Македонија се произведува малку пченица, по хектар површина, но со висок квалитет.

– Како во Србија што не се цени квалитетот, така и кај нас, за што е виновен монополот на мелничарите. Со увозот на странска неквалитетна пченица и брашно, ги уценуваат нашите производители и им ја рушат цената – вели Станковски.
Според него, помош од надлежните во вид на контрола на квалитетот не може да се очекува, бидејќи големите компании имаат јаки лоби-групи, кои ги штитат од протекување информации за користење неквалитетни суровини.

Секоја година од Србија во Македонија се увезуваат од 40 до 50 илјади тони брашно. Анализи направени од македонските мелничари покажуваат дека тие го покриваат пазарот со брашно од околу 65 отсто од сомелената пченица. Остатокот од потребите за брашно се увезува, односно 35 проценти од потребните количества на брашно доаѓаат од увоз.

Но мора да се истакне дека од вкупните количества пченица што се мелат во Македонија од страна на домашните мелници, околу 60 отсто од пченицата е увозна, а 40 проценти е домашно откупена пченица.

Инаку, во Србија веќе стравуваат од загрозување на извозот.

– Ваквата состојба го загрозува извозот на брашно од српските производители. Нашите земјоделци не можат да го обезбедат квалитетот што го бараат странските купувачи.

На долг рок, ова би можело значително да го загрози извозот на српското брашно. Некои држави од опкружувањето, како што се Албанија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, веќе имаат забелешки на квалитетот на брашното од Србија и се свртуваат кон други доставувачи – пишува во текстот на „Политика“.

За ваквата состојба на посевите со пченица во Србија, според пишувањата во тамошните медиуми, придонеле неколку причини. Една од нив е што субвенциите за земјоделското производство не се насочени кон зголемување на учеството на декларирано сортно семе и за најквалитетните сорти пченица. Според процените на земјоделците, учеството на т.н. семе од „таван“ изнесува околу 63 отсто, што значително го намалува квалитетот на вкупниот род на пченицата.

– Ова е директна последица на сегашната практика субвенциите за пченица да се даваат без условување на земјоделците да користат декларирано сортно семе за сеидба. Повеќето земјоделци во Србија и натаму ги фаворизираат сортите што даваат повисоки приноси, но, по правило, имаат послаб квалитет. Тоа е затоа што разликата во пазарните цени на пченицата со најдобар квалитет и оние што се со полош е релативно мала. Овој износ не е доволен за да може да се компензира околу десет отсто помали приноси што се остваруваат со производството на пченица со повисок технолошки квалитет – објаснуваат од здружението „Житоунија“, кои поднеле иницијатива за воведување посебни мерки за поттикнување на домашните земјоделци за производство на најквалитетна пченица.

Тие предлагаат од буџетот наменет за аграрот во Србија да се обезбеди стимулација за договорено производство на најквалитетна пченица, во износ од два динара по килограм. Предлогот е субвенцијата да биде обезбедена најмалку за три години.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close