Српските мелничари бараат контрамерки за Македонија, поради проблеми со извозот на брашно
Деловната асоцијација на индустриски мелници, пекари и производители на тестенини „Житоунија“ од Нови Сад ги обвини македонските власти дека со неодамна воведените мерки допринеле увозот на брашно од Србија да биде “речиси неисплатлив”, пишува денешна „Политика“.
Тие бараат од Србија веднаш да воведе контрамерки за увоз на земјоделски производи од Македонија.
Според новата постапка, брашното од Србија се извезува во Македонија без македонски марки. Потоа се складира таму и по фитосанитарниот преглед увозникот може да ги подигне маркиците и потоа да ги истакне на производот. Меѓутоа, исто така мора и да го отпакува брашното и да ангажира луѓе, оваа постапка, според “Политика”, може да потрае и до еден месец.
– На увозниците со тоа значително им се зголемуваат трошоците и бизнисот со Србија станува економски непрофитабилен. Реално е да се очекува пад на извозот на српското брашно, изјави Здравко Сајатовиќ, претседател на “Житоунија”.
За српските производители, Македонија преставува трет извозен пазар, каде годишно се пласираат од 30.000 до 40.000 тони брашно.
Ова здружение поднесе иницијатива до министерот за трговија Расим Љајиќ да на Македонија „веднаш и се воведат реципроцитетни мерки за одредени производи од особена значење за македонската страна“.
Тие предлагаат да се изберат производи кои се пакувани во амбалажа, кои по влегувањето во Србија, да им се наметне обврска за складирање, распакување и контрола на квалитетот, како и повторно лепење на декларации и пакување, со дополнително образложение дека ова е нормална процедура која не создава дополнителни трошоци.
Во Министерството за трговија на Србија соопштија дека преку ЦЕФТА веќе се обратиле до надлежните власти во Македонија, со кое е побарано објаснување во врска со воведувањето на новите мерки за увоз на српското брашно.
– Процедурата е во тек, се обидуваме да ги утврдиме фактите. Нашата цел е да ги заштитиме интересите на српските производители и извозници, како на брашното, така и на и други производи, изјави помошник-министерот за трговија, Оливера Јоциќ.
Спорот околу извозот на српското брашно во Македонија се одвива со години и досега преку преговори на надлежните министерства на двете земји, секогаш беше постигнат договор.