Што е договорено- како Македонија и Србија ќе ги решаваат трговските бариери
До 30 јуни се очекува да биде потпишан и ратификуван билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста на храната и ветеринарството, како и договорот за фитосанитарна соработка со кој меѓусебно ќе се признае важењето на сертификатите меѓу Македонија и Србија.
Со ова ќе почнат да се решаваат проблемите во трговојата кои што ги имаа двете земји, вели за Танјуг министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ.
Тој како што пренесува Танјуг очекува за десетина дена во македонското Собрание да се усвои новиот правилник, кој меѓу останатото, ќе го регулира и прашањето за увозот на брашно од Србија, како и пред седми февруари кога Скопје донесе решение со кое се „искомплицира“ увозот.
Според Љајиќ, кога станува збор за брашното, по минатонеделната срдба со вицепремиерот Кочо Анѓушев кој беше во посета на Србија, договорено е анализата на камиони на границата да се работи „на прифатлив примерок од три до пет проценти од испратената стока” и дека по потпишувањето на Договорот за признавање на сертификатите и на фитосанитарната соработка и овој проблем ќе биде решен.
Со двата договора од областите безбедност на храна и фитосанитарна соработка, што треба да ги потпишат Македонија и Србија до 30. јуни годинава, треба да се овозможи на српскиот пазар да се продаваат македонски јогурт и кисело млеко.
Од Министерството за земјоделство информираа дека со договореното признавање на меѓусебните сертификати, пак, ќе престане двојното земање примероци и анализа на прехранбените производи.
Тоа во голема мера треба да ги намали дополнителните и непотребните трошоци со кои се соочуваат компаниите извозници од двете држави. При извозот на македонските преработки од месо двојно ќе се намалат цените за лабораторските испитувања.
Со потпишување на договорот за фитосанитарна соработка, македонските извозници на градинарски култури резултатите од анализите ќе ги добиваат за ден, а не како досега за два до три дена. Со тоа лесно расипливите градинарски производи на српскиот пазар ќе стигнуваат многу побрзо, свежи и со поконкурентна цена.
На состанокот на Анѓушев и Љаиќ е договорено да биде формирана мешовита работна група, во која ќе членуваат претставници од кабинетите на вицепремиерите и од стопанските комори. Тоа тело ќе треба секојдневно да комуницира за решавање на сите идни отворени прашања во трговијата помеѓу Македонија и Србија.