fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Стојан Узунов-Производството на органска храна се мери со здравје

Потребно е поголемо залагање на државата во пласманот на органското производството.

Стојан Узунов(66) е искусен земјоделец од Смолари, село сместено во подножјето на Беласица, општина Ново Село. Овој наш земјоделец од дете работел земјоделие, кога неговите родители произведувале тутун, пченка, кикирики. Сега произведува овошје на површина од околу 2,5 хектари и вели дека како земјоделец, производител, најмногу му пречи тоа што нема организиран откуп, па наместо ќарот да оди кај примарните земјоделци, завршува во џебот на трговците.

-За се’ мора да има организиран откуп, тоа е основно, трговијата е лоша. Штом има малку повеќе производство трговците ги рушат цените, за дури 50 проценти. Значи трговците си играат мајтап со нашето производство. Оценувам дека целата проблематика за целокупното земјоделие е трговија. Трговијата е немилосрдна, критикува Узунов.

Ваквата слика според него е причина што најголем дел од младите не се определуваат за земјоделие иако имаат земја и услови за тоа.

Органски сертифицирано производство

Узунови се занимаваат со производство на овошки: боровинка, аронија, лешник, ореви и костени од органско сертифициран овошен насад за што му помагаат и неговите две ќерки со внуците. Па, задоволен вели дека важен дел во иднината на неговото земјоделско стопанство, за она што го почнал од пред неколку децении, зазема неговата фамилија.

-Порано обработувавме други култури, но тие бараат повеќе ангажман на работна рака. Сега одгледувам овоштарници. Пред повеќе години овој вид на производство го започнав како хоби. Потоа со тек на време почнав поактивно и така овоштарството ми стана главна дејност. Практично нашата приказна почна оттаму. Воглавно се занимавам со одгледување на овошки, ги одгледувам по органски пат и сметам дека во природата имам сè  што ми треба. Секако дека одгледувам и некои други подгранки од областа на земјоделието, но акцентот го ставам на боровинката, аронијата, лешникот, оревите и костените, вели Узунов.

Боровинките годинава одат по цена од 300 денари за килограм, аронијата по 90 до 120 денари од кг.

Неговото производството е органско сертифицирано, а сертификатот датира од 2005 година.

-Овошките ги одгледувам на разновиден начин, односно миксирам знаења стекнати од моите предци и денешното модерно општество. Сепак да бидам искрен, повеќето се темели врз модерен принцип на одгледување додека моите стекнати знаења ги користам како помошна алатка, вели Узунов потенцирајќи дека главна одлика на неговото земјоделско стопанство е одличниот квалитет и врвната услуга.

-Усовршувањето во делот на земјоделското стопанство  бара големо ангажирање и посветеност. Тоа е резултат на лично искуство, соработка со стручни лица, посета на саеми, обуки, како и следење на светските трендови преку интернет, напоменува нашиот земјоделец.

Производите од насадите на Узунов се пласираат во границите на нашата држава. А што се однесува до откупните цени и пласманот, Стојан вели дека е делумно задоволен.

-Сметам дека кај нас сè уште органското производство не се вреднува соодветно според квалитетот. Од моја гледна точка и во мојата област од производството, сметам дека земјите соседи се неколку чекори пред нас во поглед на начинот на производство, вреднувањето и пласманот на органското производство, смета тој и потенцира дека државата е таа што треба да се заложи за подобрување на условите во делот на земјоделието, особено во органското производство.

-Потребно е поголемо залагање на државата во пласманот на производството, намалување на производстените трошоци, односно зголемено субвенционирање на огранското производство од сите аспекти. Иницијативата за подигање на јавната свест за позитивното влијание од консумирање органска храна врз одржување и подобрување на здравјето на луѓето, вели нашиот производител.

Иднината во делот на органското производство Узунов ја гледа во мултиплицирањето, како  и во нашето присуство на европските пазари.

-Иако имам неколку децениско искуство во оваа област, секојдневно нишанам кон нови достигнувања. Усовршувањето на процесот на производство ми е примарна цел кога се во прашање повисоките резултати. Како што напоменав,  моментално производите ги пласираме во границите на нашата држава, но во блиска иднина очекуваме да имаме пласман на нашето производство  и  на странските пазари, вели Узунов.

Името на селото е изведено од зборот „смолар“ или човек што се занимава со собирање смола.

Селото Смолари се наоѓа во северното подножје на планината Беласица во областа позната како Подгорие. Селото е оддалечено 28 километри од градот Струмица во југоисточна насока и 6 километри од центарот на општината, Ново Село, на надморска височина од 382 метри. Јужно од селото се наоѓа реката Ломница, на која е расположен познатиот Смоларски Водопад, до кој се пристигнува преку еко-патека. Вкупната височина на вертикалниот отсек на Смоларскиот Водопад изнесува 39,5 метри.

Среде село порано се наоѓале два стари јавори, високи околу 30 метри. Денес е останат помладиот јавор, чија старост се проценува околу 300 години.

Анета Блажевска

Слични написи

Back to top button
Close