fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Стојанче Кoлевски – Благослов е да живееш и твориш во планина

Кoлевски ја негува традицијата на своите дедо и прадедо во производството на јаглен.

 

„Рацете ни се поцрнети од јагленот, ама образот ни е чист, зашто чесно и со труд заработуваме. Во селото сме сами свои газди, а не измеќари по фабриките. Всушност вистината е една – благослов е да живееш и твориш во планина“, вака младиот 31 годишен Стојанче Кoлевски од демирхисарското село Базерник со неколку реченици го опишува животот на село и зошто се определил за производство на ќумур и земјоделие, наместо да замине во градот да бара државна работи или пак, да работи по фабриките.

Стојанче е горд на постигнатото и можеби еден од ретките млади луѓе во државата што не размислува на иселување.

-Имотот во Базерник ми е по мајка, тука му роден и растен. Имам куќа во Битола, но мојот живот е на село. Тука ме задржа мојата егзистенција, јас не сум навикнат да работам за некој си газда. Подобро ми е сам свој газда, вели младиот демирхисарец во разговор за „Зелена берза“.

Кoлевски ја негува традицијата на своите дедо и прадедо во производството на јаглен. Познато е дека правењето на ќумур во Демирхисарскиот крај  има своја традиција. Производството на ќумур (дрвен јаглен) била една од основните егзистенцијални дејности во демирхисарските горни села. До пред неколку децении ќумурџиите произведувале ќумур исклучиво за потребите на ковачите, но последните години производството го пренаменија на така наречен скараџиски ќумур што се користи во угостителството. Во овој занает впечатливо е тоа што после толку години останал традиционалниот начин на производство. Како суровина за добивање на ќумур се користи дабовото и буковото дрво што го карактеризира висока калоричност. Затоа мреношкиот, вировскиот, смилевскиот и ќумурот од Слоештица, Базерник и Илино се најбараните на пазарот.

-Произведувам ќумур како примамлива гранка за егзистенција. Имам свои парцели на шуми и нешто закупувам државна шума. Ќумурот го произведувам од дабово дрво, ама може и од бука. Нашиот ќумур е со висок квалитет и се продава на лице место, не мора да се грижам за откуп. Крупните парчиња ќумур ни ги откупуваат угостители за скара на жар, додека ситниот ковачниците за добитокот, вели Стојанче.

На годишно ниво, односно во сезона од пролет до есен овој млад човек произведува до 500 вреќи ќумур. Една вреќа е околу 17 килограми и чини до 450 денари. Но, како што вели, има семејства во Базерник кои произведуваат и до 1.000 вреќи ќумур на годишно ниво.

-Како производител и како семеен бизнис се покажа дека може да се живее од производство на јаглен иако имаме проблем со нередовно одредување на сечата. Шумското претпријатие „Бигла“ мора да ни излегува во пресрет. Оваа пролет немаше селска сеча, ни ветија за наесен. Ова ни е потребно за да се закрепи производството, вели младиот ќумурџија.

Речиси и да нема куќа во Базерник која нема ќумурница, таканаречена дупка  ископана и наменета за печење на ќумурот. Во неа се редат околу 4 метри кубни дрва, се затвораат да нема директен контакт земја и дрво, на самите дрва се става сено или слама, а над тоа земја, се оградува со ламарини. Дрвата се палат и единствениот пламен кој треба да излегува е од оџаците. Постапката трае 7 до 8 дена, по што готовиот ќумур откако ќе се излади се складира во хартиени кеси.

-Нашиот образ е црн само неколку часа додека се вади ќумурот од печките, но важно е дека имаме чист образ со чесно заработени пари за живот на село. Правењето на ќумур има иднина, сите што работиме во Базерник сме млади луѓе. Има иднина за младите на село, не е се црно како што се прикажува. Ако има млади што сакаат да го научат занаетот, тука сме да им покажаме, да научат да го осознаат овој занает, вели Стојанче.

Убавината на Базерник не се раскажува, треба да се доживее

Базерник е планинско село на надморска височина од 950 метри. Селото се наоѓа во западниот дел на Општина Демир Хисар, чиј атар се издига до сртот на Плакенска Планина. Во Базерник жителите опстојуваат од земјоделство, сточарство и шумарство. Продаваат дрва за огрев, собираат разни шумски плодови. Во последните години во Базерник живеат околу триесетина постојани жители, а преку летото уште толку. Единствената причина поради која едно семејство мора да замине од селото е немањето на училиште.

-Од земјоделие садиме грав, а  мештаните се занимаваме и со берба на печурки и шумски плодови, најчесто боровинки. Годинава има многу род, а и цената е добра – 150 денари за килограм. Шумата добро ја познаваме и така заработуваме за живот. Природата дава многу, само треба да се сработи, порачува Стојанче.

Издишка од напорната работа Стојанче наоѓа во пишување на поезија. Веќе има издадено своја стихозбирка, а секој стих е поттикнат токму од безвременската поезија и проза на големиот Петре М. Андреевски.

-Од 11 години пишувам поезија, мотивацијата ја црпам од великаните Петре М. Андреевски и Горјан Петревски. Всушност приказните за Демир Хисар, за обичниот човек  ме поттикнаа на пишување. Неколкуте прочитани книги од Петре и Горјан уште кога бев мал ме натераа да сфатам дека само така се запечатува едно време кое за навек живее, преку моќни и силни стихови прераскажани од луѓето. Тоа ми  е како аманет и насушна потреба за зачувување на нашиот непоколеблив и неискоренлив корен и живее на ова поднебје, вели Стојанче.

Анета Блажевска

фото Ивона Кочов

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close