fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Стотици мини диви депонии ја загадуваат почвата во Јегуновце

Јагуновце Општина со најплодната површина во Полошко

Наместо добродојде на влезот од секое село во Јегуновце ве пречекува дива депонија. Општината распослана на една од најплодните површини во полошко, долж течението на реката Вардар, од година вгодина го губи приматот најеколошка општина.

 

Дел од плодните површини се копаат и се вади песок за градежништво, а во голем дел од нивите претежно кои не се обработуваат се фрла разновиден отпад, претежно градежен шут. Мештаните велат дека огромни површини на земјоделската обработлива површина веќе е уништена односно загадена.

-Ние на пример имаме една површина моментало ни е ливада и се наоѓа покрај реката Вардар,се мислиме со што да ја засадиме, но не можеме да се спасиме од сметот кој постојано таму се истура. Секоја година го чистиме, па сега решивме да ја заградиме оваа површина и да ја спасиме од смет. Немаме никаква култура, дојде време да ги заградуваме нивите, рече една жителка на Јегуновце.

Мештаните велат дека се е до свеста на населението, но и општинските власти треба да преземат поконкретни чекори и да ги засилат инспекциските контроли.

-Никој од страна не го фрла сметот ние од тука мештаните го фрламе, ама реално и нема тој што гради каде да фрла , а од друга страна се фрла на најживописните предели и обработливи површини. Изгледа кај нас само свеста проработува, ако некој не удри по џеб, затоа треба да има казни поголеми и поголема контрола на терен, додаде еден жител на село Раотинце, Општина Јегуновце.

И не само на нивите, смет се фрла и во коритото на Вардар, река од каде земјоделците ги наводнуваат своите површини, за на крај земјоделските продукти да завршат на нечија трпеза. Со стотиците диви депонии се уништува и шумскиот предел во Општина Јегуновце.

Од Општина Јегуновце, велат дека проблемот со депониите на плодните површини, во шумите, пасиштата, како и во коритото на реката Вардар се усложнува од година вгодина, затоа што тие како локална самоуправа функционираат без комунално претпријатие.

-Јас како градоначалник кога дојдов на функција морав да го затворам старото комунално претпријатие, затоа што работеше со загуби. Сега сме во постапка за отворање на ново. И тогаш ќе ги засилиме нашите акции за чистење на дивите депонии. Јас како градоначалник заедно со мојот тим и без комунално претпријате ги исчистивме дел од депониите, онолку колку ни дозволуваа средствата , но ете пак на истите места се создадоа нови диви депонии, пак се е до свеста на населението, но треба и поголема контрола, за што планираме да воведеме е редари и инспекции на терен, да видиме кој тоа ги загадува нашите убавини.  Сега планираме да поставиме табли за забрането фрлање на смет, па да видиме со овој чекор колку ќе проработи свеста, изјави Дарко Блажевски градоначалник на Општина Јегуновце.

Жителите во Општина Јегуновце претежно се занимаваа со земјоделие, откако пред неколку години комбинатот Југохром каде поголем број од мештаните беа вработени се затвори. Сега и единствената егзистенција плодната површина, реката за наводнување, како и пасиштата им се загадува и уништува.

Зоран Димовски за Зелена берза

     

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close