fbpx
ВестиТоп вести

Судбината на одгледувачите на овци ќе се знае по изборите

Пред велигденскиот откупен шпиц за јагнето заврши. Ако се погледнат официјалните податоци за тоа колку јагниња се извезени годинава може да се заклучи дека пазар за нашето јагне се уште има и тоа главен пазар и натаму останува Италија каде завршиле 80% од се што е извезено годинава автор по големина со 10% од извозот е хрватскиот пазар. Годинава од македонските сточари откупени и извезени се нешто помалку од 100 илјади јагниња во вкупна тежина од милион килограми но сите овие импресивни бројки за сточарите не донесоа заработка за маката која ја вложиле, хранејќи ги овците, дежурајќи им при објагнувањето, по цел ден крстарејќи по планините за да ги носат на паша и ред други инвестиции што ги имаат за да обезбедат ваков сточен фонд кој е извозно наменет. Иако во земјава носат секоја година девизи тие мака мачат како да не работат со загуба заради фактот што откупните цени се далеку пониски од производните трошоци кои ги вложиле во едно јагне.

-Годинава јагнето пред велигден се откупуваше по цена од 120 денари за килограм до најмногу 140 денари последните денови. Ние со таа цена сме во загуба бидејќи сите знаат дека производната цена за килограм јагне жива мера е од 175 до 182 денари без никаква заработувачка за сточарите. Очекуваме да се реализираат ветувањата дека по изборите нема да се остават сточарите да бидат во загуба од она што го произведуваат. Ние како сточари бараме да се доплати разликата од откупната цена за која секој има кантарна белешка колку била до онаа што се признава како реална производна цена за јагнето за да можеме да опстанеме и барем да не работиме со загуба. Иако нас ни се откупи јагнето по ниска цена сепак не гледам дека во месарниците цената за потрошувачите е нешто намалена за велигденските празници туку таа и натаму си е стандардно над 300 денари за килограм, рече Митко Јанков одгледувач на овци од Велес.

Заради лошата економска состојба во која се наоѓаат сточарите одгледувачи на овци се помалку оставаат и женски јагниња за приплод. Друг проблем кој ги мачи е заради контролите кои се прават тие се уште не ги добиле субвенциите а пари им требаат. Според фармерите најдобра варијанта би било субвенциите да се исплаќаат околу нова година кога се и трошоците за храна. Концентрат за јагнињата тогаш купен и веднаш платен е 17 денари а земен на почек ќе достигне цена и до 20 денари за килограм.  Покрај навремената исплата сточарите се жалат и на висината на субвенциите која не нуди развој.

-Јас сум по фамилија уште од прадедо сточар и може да се каже дека сум роден во трло. Сум работел неколку години во Грција и ги знам состојбите и политиките таму во една европска земја. Еве да не се споредуваме толку со европските субвенции да ја земеме Србија за споредба. Некогаш ние со нашите над 2 милиони овци сме ја ранеле Србија со млеко односно со сирење а сега ни се случува обратно.  Ова е затоа што во соседна Србија се дојдени до ниво од близу 3 милиони овци затоа што имаат субвенција од 61 евро по овца додека за споредба кај нас субвенцијата која е најниска во регионот изнесува околу 16 евра. Таму имаат и други дополнителни субвенции така што таму се исплати за една фамилија да чува и 50 грла а кај нас со 500 грла сточар е во загуба или едвај покрива крај со крај, вели Јанков.

 

Држава каде се извезува Количина (во тони) Број на јагниња
Италија 809,6                 78 715
Хрватска  87,7 8 268
Грција  52,6 4 662
Црна Гора  27,8 1 803
БиХ 18,6 1 536
Бугарија  5,2   403
Швајцарија  6,3   519
Вкупно               1 007,8                95 906

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close