fbpx
ВестиТоп вести

Сушата ги погоди и одгледувачите на пастрмка

 

Тримесечниот период без врнежи од дожд, во значителна мера ги испразни речните корита во републикава и како последица од оваа состојба се проблемите со кои се соочуваат одгледувачите на риба и рибен подмладок. Исклучок не се ниту водотеците во Кичевско, каде што состојбата е загрижувачка, а одгледувачите на риба и рибен подмладок во најголемиот рибник во земјава вложуваат максимални напори за да ја премостат оваа кризна состојба,пишува Нова Македонија

– Трета сезона во низа се соочуваме со екстремна суша, која речиси целосно го испразни коритото на реката Треска, што многу негативно се одрази и врз рибниците во нашиот регион, а најтешка е состојбата со најголемиот рибник во земјава, лоциран на изворот на река Треска, кај селото Извор. За да го пребродиме овој кризен период, вложуваме максимални напори за да ја спасиме рибата од најлошото, бидејќи штедроста на изворот на Треска од само 250 литри вода во секунда, ни оддалеку не ги задоволува нашите потреби, бидејќи за нормално егзистирање на рибата се потребни минимум 500 и повеќе литри вода во секунда – вели Душко Радески, менаџер на рибниците во селото Извор и бродска Белица.

Тој додава дека во моментов се применуваат сите научни достигнувања за да се обезбедат неопходните количества кислород во сѐ помалата штедрост на изворот.
– Сите научни достигнувања од оваа област во целост ги применуваме за да ѝ овозможиме на рибата во базените нормално да егзистира. Така, во моментов применуваме аерација, вшприцуваме во водата течен кислород и вршиме поврат на водата повторно во базените, за да се добијат неопходните количества од драгоцената течност. Дополнителните вложувања, секако, го поскапуваат производството на риба како консумна, така и рибен подмладок, бидејќи опремата за аерација, течниот кислород и потрошената електрична струја уште толку го обременуваат нашето работење – додава Радески, во чии рибници моментално се наоѓаат матици, консумна риба и рибен подмладок во количество од околу 60 тони.

Одгледувачите на риба преодно решение гледаат во изградбата на бунари од каде што ќе се дополнува водата со доволни количества кислород што треба да изнесува над 7 милиграми, наместо сегашните во осиромашената вода само 3 милиграми. Слична е состојбата и во рибниците во Бродско, каде што дотекот на вода едвај ги задоволува неопходните количества вода за преживување на рибата.

– Во рибникот во Белица имаме околу 40 тони риба. И таму имаме проблеми со вода за нормален развој на рибата, но засега не практикуваме дополнително збогатување на водата, бидејќи водата во базените доаѓа од планинска река, која поради конфигурацијата на теренот е далеку побогата со кислород и покрај ограничените количества вода во реката – заврши Радески, со надеж дека со есенските дождови ќе се подобри хидролошката состојба.

Извор: Нова Македонија

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close