Шведска – земја на благосостојба и просперитет во која најбогатите јадат солена харинга, некогашната храна на сиромашните рибари
Само 2% од шведското население се занимава со земјоделство, за разлика од пред 150 години, кога од оваа дејност се преживувало. Индустриската револуција, помогнала оваа некогаш сиромашна земја да доживее комплетен пресврт.
Еден Хрват ја раскажува животната приказна на својот внук, кој веќе една година живее во Шведска. При првиот одмор во родната Хрватска, внукот со воодушевување раскажувал за шведските шуми, грижата за животната средина, зајаците кои трчаат во урбаните средини. „Неговата плата, како млад автолимар од Балканот расте „до облаци“, објаснува чичкото, кој додава, дека внукот е голем вљубеник во својата родна земја, така што честопати му испраќа фотографии од маркетите, каде што купува хрватски паштети и риби, кои се скоро двојно поевтини, отколку во Хрватска, а истата ситуација е и со пилешкото месо.
Денес, Шведска е земја во која многумина посакуваат да живеат, додека пред 150 години, во оваа земја, населението само преживувало и тоа од земјоделство. Тогашната сиромашна земја на периферијата на Европа, го започнала својот пресврт, воведувајќи многу промени, на тој начин што се придружила кон глобалниот развој, прифаќајќи ја индустриската револуција, за денес да стане земја на благосостојба.
Со земјоделство се занимава 2% од населението
Индустриската револуција во Шведска донесла нови, модерни машини, со што се интензивирало земјоделието, но и сите останати сектори. Реките и водопади се значаен ресурс, а со нивна помош произведуваат релативно ефтина електрична енергија. Зимзелените шуми, покриваат речиси 60% од земјата, така што, воопшто не е чудно тоа што дрвната индустрија е развиена и надалеку позната. Во тој контекст, нема некој кој не слушнал за ИКЕА.
Се протега на површина од 450 295 km², со околу 10 милиони жители чиј БДП по жител изнесува над 51 илјади долари. Влијанието на земјоделието во нивниот БДП, денес изнесува 1,6%, а во земјоделието работат, само 2 % жители. Компаративните анализи, покажуваат дека, на почетокот на 20 век, во тој сектор работеле повеќе од 50%, а во 50 тите години на минатиот век, околу 20% жители.
Најголемиот број земјоделци се постари луѓе
Шведска може да се подели на два дела. Планините и рамнините на север заземаат две третини од површината. Таму се наоѓаат густи шуми и богати рудни наоѓалишта. Во рамнините, на југ се наоѓа најголемиот дел од земјоделското земјиште и повеќе преработувачки индустрии, а таму живее и четири петтини од населението.
Околу 7% од вкупната површина на Шведска, односно 3 милиони хектари, е класифицирано како земјиште со трајни или привремени насади.
Поголемиот број шведски земјоделци се постари луѓе и малкумина од нив имаат наследници кои би ги замениле денешните земјоделци. Политиката на Владата на Шведска била насочена кон поврзување на малите непрофитни стопанства во големи единици до 20 хектари обработлива земја со шуми, кои на семејствата би им овозможиле стандард, еднаков на работниците во индустријата. Денес, во Шведска има околу 70 000 земјоделски стопанства, а речиси половина од нив имаат помалку од 20 хектари земјоделска површина.
Житариците и маслодајните растенија се главниот земјоделски производ во Шведска
Земјоделството во Шведска се разликува од регион до регион, поради различната почва и различните климатски зони. Разбирливо, најмногу земјоделско производство има во Јужна Шведска, каде што вегетациската сезона е најдолга – во некои делови на југ дури повеќе од 240 денови годишно.
Главен шведски земјоделски производ се житариците и маслодајните растенија – пченица, маслодајна репка и шеќерна репа на југ, додека на север се одгледуваат јачмен и овес, и тоа најмногу како храна за животни, односно храна за свињи и живина. Во 2016 година, Шведска произведила 5481 илјади тони житарици, 1988 илјади тони шеќерна репа и 861,3 тони компир.
Шведска е позната по големиот избор на леб со различен облик и големина, а посебен специјалитет претставуваат слатките лебови и печива.
Шведското црвено говедо
Млечното производство, претставува економски најсилен сектор, преку кој се остварува 20% од вредноста на шведското земјоделско производство. Добивањето и преработката на свинското месо (традиционални шведски специјалитети) е релативно голема, додека бројот на овци и јагниња е многу мал и како таков неможе да се натпреварува со застапеноста во Австралија и Нов Зеланд, затоа што овие земји имаат зелени пасишта во текот на целата година.
Во сточарството, односно говедарството, најпознато е шведското црвено говедо. Станува збор за млечна крава, која дава млеко чија содржина на масти изнесува 4,3 %. Во 2016 година, според статистиката на Евростат, Шведска произведила 2862 илјади тони млеко. Споредбените анализи, покажуваат дека тоа е нешто повеќе од соседнта Финска и два пати помалку, на пример од Данска.
Екстремно смрдлива харинга
Како посебен специјалитет и исхрана во северниот дел на Шведска е познатиот “surströming“, којшто оние кои не навикнале на овој вкус, го опишуваат како екстремно смрдлива харинга. Станува збор за посебно конзервирана харинга, која во минатото била храна на сиромашните рибари. Се конзервира со ставање во посебни буриња (или специјални канти), во солена вода и денес претставува многу скап специјалитет.
Харингата се лови во средината на јуни, кога женките се полни со икри. Рибата се мие со вода, се реди и се потурва со солена вода. Се остава да стои во текот на ноќта, а следниот ден убаво се мие, се отстрануваат главите и повторно се става во бурето со солена вода. Потоа, бурињата се покриваат и рибата се остава во нив да одлежи 7-8 недели. До моментот на отворање не се знае дали специјалитетот е успешно направен. Традицијата наложува, бурињата да не се отвораат во понеделник. Ако е се во ред со рибите во бурето, третиот четврток во август се организира “surströming” премиера, што за северниот дел на Шведска значи вистинска веселба.
Најсилна дрвна индустрија во Европската унија
Како што споменавме претходно, зимзелените шуми покриваат цели 60% од површината во Шведска. Според производството на обработени дрва во 2015 година, Шведска има најголема дрвна индустрија во Европската унија. Како огревно дрво користи 10% од таа количина, додека остатокот завршува во дрвната индустрија.