fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Температури во портокалова фаза, да се почитуваат препораките за заштита на здравјето

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност.Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23 а максималната од 34 до 41 степен.

Шесте региони во државава Скопскиот (северно од Вардар), Осоговско-Малешевскиот, јужно од Вардар, Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот од денеска се зафатени од високи температури во портокалова фаза. Состојбата на топлотен бран, како што соопшти Министерството за здравство, важи на целата територија на државата.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност.Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23 а максималната од 34 до 41 степен.

Поради топлотниот бран, Владата објави препораки, меѓу кои и ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на РСМ и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.

– Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, истакнаа од Владата.

Владата одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи, да ги почитуваат препораките, а на приватниот сектор му се препорачува да го организира работното време со цел  заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од четири дена, до понатамошно одлучување. Владата и надлежните органи ќе ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, врз населението во РС Македонија.

– Сите правни субјекти, пак, кои вршат активности на отворено треба да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници, наведоа од Влада.

Од МЗ потсетија и на општите мерки за заштита на здравјето, односно во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред сé климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори  под сенка.

– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари, стои во препораките.

Од Министерството истакнаа дека поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува и задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи,  посочија од МЗ, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиус, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени Целзиус. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.

Од МЗ посочуваат и дека здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети (хумани, просторни) и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број на лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури. Исто така, по потреба и на дневна основа, Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство ќе предлага мерки и активности за минимизирање на овие ризици, посебно за најранливата категорија на граѓани во деновите кои доаѓаат.

Министерството за труд и социјална политика преку соопштение ги повика работодавачите, неговутелите и воспитувачите во градинките, вработените во центрите за социјална работа и во Црвениот крст да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close