fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Тетовскиот грав го снемува заради климатските промени и недостиг од работна сила

Надалеку познатиот тетовски грав кој беше синоним уште во поранешна Југославија, сега земјоделците го произведуваат само колку за себе

На кој пазар и да појдете во земјава и на тезгите да побарате грав, секаде без искличок ќе ви понудат тетовски грав. Но реалноста по тетовските ниви зборува нешто сосема поинаку. Гравот овдека толку малку се произведува што воопшто не стигнува да се продава по пазарите туку на она семејство кое има малку грав вишок за продажба тоа му го купуваат луѓе уште од дома. Во нашата посета на полошкиот регион и обиколката по нивите во село Камењане кое на времето важеше за центарот на најголемите производители на грав ни помогна Мемет Синани со кога се уверивме дека на прсти можат да се избројат помали ниви каде има засеано пченка со грав. Тој ни посочи дека воопшто не треба да бидеме зачудени зошто е тоа така и нагласи дека за 20 тина години можеби и ќе зборуваме за целосно напуштање на оваа култура во производството.

-Јас од дете сум со ова производство. Мојата фамилија има долга традиција за производство на грав уште од дедо ми, па татко ми и јас долги години го произведував. Во ова село главниот семеен буџет порано бил од производството на грав а сега оние фамилии кои останале да одгледуваат имаат по два до најмногу три декари односно само онолку колку што можат со фамилијата да го произведат и соберат. Главни проблеми зошто грав веќе не се одгледува во тетовско се климатските промени и недостигот од работна сила. Јас пред 5 години почнав да одгледувам грав на бамбусови стапчиња. Има многу предност тој нов начин на одгледување. Има повеќе сонце, проветрување и многу повеќе дава принос но на крајот нема кој тоа веќе да го работи бидејќи не може да се најдат аргати иако дневниците се по 25 евра а треба да им се обезбеди доручек, ручек па и кутија цигари. Во тоа време кога го почнав новиот начин имав ангажирано 110 работника што денес е незамисливо како да се најде таа бројка на луѓе. Во моето село 80% од младите се заминати и тоа не на печалба па да се вратат туку се заминати за таму да останат да живеат, вели Мемет Синани производител на грав во тетовското село Камењане.

Иако имало производство кое наместо вообичаените 100 килограми од декар давало род од околу 400 килограми од декар сепак заради недостигот на работна сили морал да се откаже од овој профитабилен начин на производство. Главна специфика на тетовскиот грав е што тој зрее на два или три наврати и не може да се собере целиот наеднаш. Заради ова пропаднале и обидите за здружена набавка на комбајн за берба на гравот бидејќи тој е наменет за други некои ниски сорти кои наеднаш зреат и се собираат машински но не и за тетовскиот. Освен работната сила се почест проблем за овие производители се климатските промени и глобалното затоплување. Тие откако имале проблеми со слабите приноси организирале студиско патување во соседна Србија за да осознаат дали може нешто да си помогнат. Таму научни лица им укажале дека над 35 степени целзиусови температура растението го абортира цветот и цела година после нема род.

-Денес доаѓаш го гледаш насадот целиот бел со цветови, потоа фаќаат жештини кои кај нас почнаа се почесто да се јавуваат  и сите  цветови паѓаат на земја. Имавме така една година без род. Јас лично од еден хектар насад немаше што да соберам заради тоа глобално затоплување. Како дојде може една година да имаш добар род па потоа да немаш три години ништо, додава Синани.

Дополнителен проблем според Синани се и игрите кои ги прават трговците со тетовскиот грав заради што се почесто кога ќе готвите на крајот имате едни зрна сварени а други не. Тие ја користат приликата и она малку тетовски грав го мешаат со увозен кој го земаат најчесто од Молдавија. Тој грав е собиран со комбајни и има цена од 50 денари и со мешањето прават цена од која сите имаат заработка а најмногу губи купецот кој не знае што ќе добие.

З.Б.

Слични написи

Back to top button
Close