fbpx
ВестиТоп вести

Тиквешки регион Грозјето не дособрано винариите завршуваат со откупот

Како Здружение „Напредни лозари“ се согласивме да побараме од надлежните загарантирана производна цена на грозјето.

 

Со тони грозје не е собрано од повисоките делови на Тиквешијата, а винариите за овој викенд  завршуваат со откупот на грозјето, реагираат од Здружението „Напредни лозари“.

Зоки Пешков претставник на Здружението од Тиквешкиот регион за „Зелена берза“ вели дека денес и утре се последните денови за откуп на грозјето од страна на винариите, а родот од повисоките регион воопшто не е допрен иако ги  достигна 20 шеќерни единици за Вранецот и 17-18 шеќерни единици за Смедеревката.

-Повисоките вински региони ги достигнаа  бараните шеќерни единици, но винариите прекинуваат со откупот. Многу грозје има не собрано по нивите. Само еден земјоделец од регионот на Бошава има за предавање по 15 до 20 тони грозје. Нема абер за почеток на бербата, а винариите си го направија своето, реагира Пешков.  

Тој смета дека краткото време за откуп на родот е добро смислена постапка од страна на винариите што пак драматично влијае на  уништувањето на лозарството. Вака како што стојат работите според Пешков можат да опстанат само големите лозаро производители, а на помалите не им е лесно.

-Порано пред три и повеќе децении квалитетното грозје се береше и до Митровден , до 8 ноември, кога агрокомбинатот „Тиквеш“ го откупуваше и последното зрно грозје. Сега откупот на грозјето почнува на почетокот на септември и трае до крајот на септември, само еден месец, а знаете дека во овој период имаше и дождливи денови кога не се влегуваше по нивите, вели Пешков.

За тиквешките лозари најголемата болка е откупната цена која се движи од 10 денари килограм за Смедеревката , односно 11 денари за килограм што ги нуди винарницата „Охрид“, но под услов родот да се исплати до 30 април.

-Еве вака ќе прашам дали еден административец може да почека и да не реагира ако неговата плата доцни три или четири месеци? Дали нема да штрајкува? Тогаш како ние лозарите да го предаваме грозјето во септември и да се стрпиме за парите до април? Ете затоа земјоделецот е доведен до просјачки стап, вели Пешков.

Лозарите членови на Здружението „Напредни лозари“ на синоќешниот состанок се договориле веднаш со престанокот на откупот на грозјето од страна на винариите да побараат состанок со Владата и Министертсвото за земјоделие, и под итно да се изработи и да се донесе Закон за лозарство.

-Се согласивме како Здружение да побараме од надлежните загарантирана производна цена на грозјето, значи не откупна, туку производна. Има институции што можат да пресметаа колку не чини производството на килограм грозје и таа цена да биде загарантирана. Ако е 4 денари, нека биде толку, ако е 16 денари таа цена да се земе предвид, наведува  Пешков.  

Она што е важно за лозарите е и исплатата на грозјето да биде најдоцна 30 дена од откупот. Потоа да се укина уредбата од сегашниот  Закон каде стои дека откупната цена треба да се намали еден денар, ако грозјето ти се исплати во рок од десет работни денови. Регистрираните земјоделци да земаат 100 проценти повисоки субвенции за лозарството. Зелената нафта кај регистрираните земјоделци да ги покрива 100 проценти трошоците за гориво, а не 30 проценти, велат од „Напредни лозари“.

 

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close