Томче Крстески-За парче леб од стечајци станавме земјоделци
Од земјоделието нема пари, но има шанса за егзистенција за многу семејства.
Шеесет и едногодишниот Томче Крстески 13 години е без работа. Неговото семејство егзистирало со платата од фабриката „Шик Јелак“ во Тетово, но само до 2009 година, кога и овој некогашен гигант отиде во стечај и се затвори.
Вели дека на речиси сите вработени во другите фабрики кои ги снашла истата судбина, државата на некој начин им помогнала, само тој и неговите колеги останале без парче леб.
Среќа во целата несреќа е тоа што сум од село, па од земјата која ја поседувам некако се прехрануваме. Тешко е, но сепак за парче леб не страдаме, вели Томче во разговор за „Зелена берза“.
Тој поседува околу 7 декари земјоделска обработлива површина. Половината ја засадува со традиционалните култури својствени за Тетовско-пченка и грав. Останатата површина како што вели е засадена со се и сешто од компир, лук, праз, некое дрвце со овошје, костен, оревче.
Тој продава на тротоарот покрај Тетовскиот зелен пазар, по малку од сите производи. Дел се негови, а дел од неговите пријатели, со кои ги збогатува импровизирани тезги.
-Куповната моќ е намалена, нема откупни центри и никој не купува на големо. Вака сме сигурни, дека нема од производите ништо да фрлиме, вели нашиот земјоделец. „Зелена берза“ го запраша Томче како успева до го прехрани семејството, со по неколку производи и тоа во мали количини од по неколку килограми.
-Бев вработен во фабриката „Шик Јелак“ од 1982 година, до 2009 година без прекин. Фабриката се затвори во ноември 2009 година и до денеска сме под стечај, од државата немаме никакви примања досега. Имаме поднесено барање за помош поради стечајот, се донесе закон во Собранието на сите фирми да им се додели некоја помош, само за „Шик Јелак“ нема ништо, едвај десет души добиле по нешто. Имало некои измами мислам, се менувале шифрите, газдите, долгови имало и така натака. И сега за да преживеам се занимавам со земјоделие, продавам на пазар за да платам струја, вода, комуналии и така да опстанам. Значи нешто е мое, а нешто од други производители. Грав и пченка имам на околу 3 декари, другата површина ми е под ореви, јаболка, дуњи, имам лук, компир, тикви, разни култури за да опстанам. Ако има квалитет се продава, ама во последно време многу е намалена куповната моќ, и со пандемијата народот е без работа, а и порано доста фабрики се затворија. Ти даваат 250 евра плата и што можеш, како да го прехраниш семејството и затоа еве со земјоделие се занимавам, ја раскажува Томче својата животна судбина и додава „да се заработуваше од земјоделие, пари до сега ќе спечалив, но за жал не е така. По тротоарите сум од 2009 година и ништо немам спечалено, само за храна да однесам дома и сметки да платам. Но, не се предавам, иако од нешто веќе се откажав, од сточарството, затоа што од тоа како што се гледа ќар имаат само трговците и фабриките каде се пакува млекото, за нас само трошките остануваат, вели Томче.
Како и многу други земјоделци, така и тој смета дека најголем проблем е тоа што во Македонија, а особено во Полошко нема откупните центри со кои земјоделецот може многу убаво да испланира што да произведе, за на крај да знае и да може да го продаде производот. Вака без откупни центри, земјоделците се во неизвесност, затоа и полека се откажуваат од оваа гранка, а некои произведуваат на ситно како Томче.
Сточарството е неисплатливо
-Со сточарство повеќе не се занимавам, не чувам стока зашто нема математика, скапо е се, а млекото не го плаќаат, ти даваат 18 денари за килограм млеко, а една кисела вода е 20 денари. Една крава треба да изеде најмалку 10 килограми сточна храна или сено за да даде млеко, значи скапо е многу, а на крај го продаваш за 20 денари килограм млеко, а во маркет млекото е повеќе од двојно, поскапо. На пример во Тетово доста се произведуваат јаболка и компир, а нема никаква фабрика за откуп. Да се засади поголема површина е добро, ама да има откуп, па нека биде и десет денари, ама знаеш го вадиш компирот го даваш на откуп и си завршил работа. Моментално јас не фрлам ништо и не ми се расипува, оти произведувам од се по малку. Некои што ги знам фрлаат од родот, тие што имаат јаболка фрлаат, се работи за голема количина и нема каде да ги пласираат овошките. На крај да биде трагедијата уште поголема, претходно даваат за ѓубре, за препарати, за да се собере производот пари даваат и ништо од тоа, вели Томче. Се жали дека и неговото производство е скапо, има мотокултиватор, но друга механизација мора да изнајмува и да ја плаќа, па затоа вели народ не сека да се занимава со земја, зашто не се исплаќа, но некои семејства едноставно немаат избор, вели Томче.
Иако како што вели 13 години работи и се мачи за парче леб, Томче е ведар и насмеан земјоделец, а како што вели земјата го прави таков. Колку и да е тешко вели, земјоделците не се разочаруваат, природата, стоката, ливадите, ровката земја, изворите со вода им даваат оптимизам да продолжат, и не е секогаш се до парите, порачува накрај Томче.
Зоран Димовски за Зелена берза