fbpx
ВестиВиноТоп вести

Традиционално закројување на лозјата во чест на патронот на лозарите Свети Трифун

 

Со едно минутно молчење лозарите оддадоа почит кон загинатите во сообраќајката пред почетокот на традиционалното закројување на лозовите плантажи. Годинава сите официјални манифестации во тиквешијата беа откажани но лозарите излегоа по своите лозја за симболично да му оддадат почит на својот патрон заштитник Свети Трифун и да се помолат за родна, квалитетна и година без болести. На семејните лозови плантажи на Спанџови во реонот на тиквешкото езеро помеѓу селата Ресава и Бегниште во организација на здружението Винотек и Напредни лозари се организираше симболично закројување со кое се започнуваат работите во лозарството и си посакуваат бериќетна година. Прв за ножицата за кроење се фати домаќинот Александар Клинчаров кој претходно запали свеќа, скрши погача на која имаше босилок а лозницата ја попрска со вино и ракија.

-Лебот ја симболизира родноста која сите си ја посакуваме. На осветеното лепче ставаме малку маџун кој е производ од лозата за да има блажина родот а лозниците ги залеваме со малку вино и малку ракија со молитва за да ни се врати повторно од лозата да имаме, да направиме убаво вино и ракија. Босилекот кој го ставаме на погачата симболизира заштитата од инсекти и болести а свеќата ја палиме за да се помолиме на Господ бидејќи најмногу од него зависиме каква ќе биде родноста на годината. Вака во мојата фамилија која од дедо и прадедо е лозарска и винарска се правеле обичаите за одбележување на нашиот најголем празник Свети Трифун, рече Клинчаров.

Лозарите како и другите години на овој голем празник денот го започнуваат со палење на свеќи во Црква од каде се собираат и заминуваат секој на своето лозје или како во случајов организирано на некое лозје за да ги закројат лозниците и на најскромен начин да го одбележат денот. Оваа година празникот има посебна симболика. Откако се најде начин за решавање на проблемот со неплатеното грозје , добија ветување дека ќе се обезбеди модел со кој ќе бидат заштитени лозарите при предавање на грозјето во винариите , се кројат законски измени со кои малите производители на ракија и вино ќе имаат олеснети процедури и ќе можат легално да произведуваат ракија тиквешкиот регион па и сите други каде се одгледува лозницата се оптимисти дека конечно и лозарството ќе го огрее сонце и дека идат посветли денови за оваа важна земјоделска гранка.

-Новите регулативи во кои ние како здружение учествуваме се надеваме дека со тоа се крои нашата иднина. Со тоа прашање, со сите поволности кои се предвидуваат за семејните винарии и за малите производители на ракија може многу да си помогнеме да ни тргне работата и што е најважно да ги задржиме младите во ова производство за да има кој да работи и кој да го наследи ова богатство што го нуди прекрасното поднебје. Светскиот тренд бара автохтони сорти како што е нашата Станушина која е голем адут за наша поголема промоција. Апелирам не само да ги остават старите насади со Станушина туку и да ја шират уште оваа сорта од која гледаме дека се прават специфични вина кои се како магнет за развој на винскиот туризам кој се очекува да се развива особено со легализацијата на малите семејни винарии по донесувањето на законските измени, рече Јован Еленов претседател на здружението Винотек од Кавадарци.

 

Неколку недели пред овој голем празник во Кавадарци пристигнаа голем број на мостри од вина кои шифрирано учествуваа на дегустацијата за оценување на квалитетот. Комисијата составена од врвни енолози ја заврши својата работа со генерална оценка дека сите вина кои пристигнале имаат голем исчекор кон подобрување на квалитетот на домашните вина. Поради откажаната манифестација на градскиот плоштад признанијата за производителите на домашни вина и ракии се поделија во рамки на закројувањето  на лозовите плантажи кај Бегниште.

Но освен во тиквешијата Свети Трифун симболично се одбележа по лозовите плантажи низ целата земја. Најинтересно беше закројувањето на зелени ластари кое е вистинска реткост на балканот. Ова македонско чудо се случи во оранжериите на Еко Оаза Самандов во Виница каде во стаклениците од пред неколку години има засадено и винова лоза главно од трпезни сорти. Еден од сопствениците Ѓорги Самандов со погача вино и ножици го закројуваше лозјето кое папки потерало уште пред нова година и сега има по половина метар зелени ластари па дури има формирано и гроздови. Првите берби од ова грозје кое на Свети Трифун се крои на зелено се очекуваат средината Април а имаат и опитна сорта која бербите се при крајот на Мај а втората берба е направена при крај на Октомври. Ова чудо кое е скап проект на Самандов дава род два пати во годината искористувајќи ги топлите води од термалните извори во близина на Виница. Самата лозница одгледувана во идеални услови освен што дава род два пати во годината има родност од 20 до 50 гроздови една чокота а младите садници прородуваат уште во првата година.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close