Трет ден општа расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот
Собранието денеска, во рамки на 47 седница, треба да ја продолжи општата расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот во кој се вметнати и осумте амандмани усвоени на Комисијата за финансирање и буџет.
Општата расправа почна во четвртокот, а може да трае пет дена.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, предложениот ребаланс ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети. Пратениците, пак, со поделени ставови.
-Приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон определбата за поддршка на економијата со инвестиции на инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии, рече Бесими, образложувајќи го ребалансот на Буџетот пред пратениците.
Министерот повтори дека здравјето на граѓаните, економијата, финансиите и општество воопшто остануваат клучни приоритети за оваа година.
Во текот на дводневната собраниска дискусија, во четвртокот и петокот, пратениците од СДСМ го повторија клучниот став, дека ребалансот е развоен и дека со него се зголемуваат средствата за инвестиции. Нивните колеги од опозицијата останаа на оценката дека буџетските проекции се за предизборен поткуп и претставуваат одраз на неодговорното работење на оваа Влада.
На дневен ред на 47-та седница, по Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2021 година, се уште 46 точки.https://nezavisen.mk/tret-den-opshta-rasprava-za-dopolnetiot-rebalans-na-budzhetot/