Трибина за регулативата за генетски модифицираната храна

Стопанската комора на Македонија и Агенцијата за храна и ветеринарство, во насока на својата соработка под мотото „подобра легислатива, подобар бизнис“, организираа трибина на тема: „ГМО, ГМО-храна И ГМО-храна за животни“.

„Агенцијата е расположена да ги презентира новините во делот на безбедност на храната, како кај нас така и во земјите од регионот, Европската Унија, но и во светот. Поканети се сите релевантни чинители од областа на науката во оваа област, кои ќе се обидат да ја доближат темата до претставниците на бизнис-секторот, но и до крајните потрошувачи, по што конечно и Агенцијата, но и релевантните институции ќе знаат во која насока треба да се движат и што ќе мора да се направи со цел олеснување на работата на домашните компании“, истакна во своето обраќање Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Што се уредува со Законот за генетски модифицирани организми и генетски модифицирани микроорганизми?

За првпат во Република Македонија во 2008 година, беше истакнато на трибината, е донесен Закон за генетски модифицирани организми и генетски модифицирани микроорганизми, односно Закон за ГМО  („Службен весник на РМ“, бр. 35/08). Со овој закон се уредува:

– управувањето со генетски модифицираните организми;

– мерките за спречување и намалување на можните негативни влијанија врз здравјето на луѓето и животната средина, како последица при ограниченото користење на генетски модифицирани организми;

– намерното ослободување на генетски модифицирани организми во животната средина или пуштањето на пазар на производи коишто содржат генетски модифицирани организми и

– прекуграничното движење на генетски модифицирани организми и на производи коишто содржат генетски модифицирани организми и/или се состојат или потекнуваат од комбинација на генетски модифицирани организми вклучувајќи и генетски модифицирани организми како производ.

Што е генетски модифицирана храна?

Генетски модифицирана храна (ГМО-храна) е храна што содржи генетски модифицирани организми (ГМО), храна составена од генетски модифицираните организми (ГМО) или храна произведена од генетски модифицирани организми (ГМО).

„Членот 56  од Законот за ГМО ги утврдува обврските на операторите со храна кои работат со ГМО-храна и ги утврдува основите за носење правилници за посебните барања за безбедност кои треба да ги исполни ГМО-храната и начинот на означување, следење  и начинот за одобрување за пласирање на оваа храна на пазарот во Република Македонија“, информираше Ленче Јовановска од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Што се генетски модифицирани организми?

„Генетски модифицираните организми (ГМО) се живи организми со чиј  генетски материјал се манипулира во лабораторија преку генетски инженеринг. Праг на прифатливост е случајно или технички неизбежно присуство на генетски модифициран материјал кој е востановен со процена на ризик и методи на утврдување на присуство на ГМО во храната и изнесува  до 0,9 %“, истакна Лидија Дамевска, од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Европската Унија има воспоставено сеопфатен и строг правен режим за одобрување на генетски модифицираните организми (ГМО), односно на храната и   храната за животни која се состои или содржи ГМО. Законодавството и политиката на ЕУ за ГМО, врз основа на принципот на претпазливост загарантирана со законодавството на ЕУ и меѓународната заедница, се дизајнирани да ги спречат несаканите ефекти врз животната средина и здравјето и безбедноста на луѓето и животните како резултат на загриженоста изразена од скептичните потрошувачи, земјоделците и еколозите.

Неколку видови потенцијални несакани ефекти

„Поголемиот дел од загриженоста околу храната која содржи или е составена од генетски модифицирани организми се однесува на можноста нивниот потенцијал да предизвика негативни ефекти врз животната средина и врз здравјето на луѓето. Постојат неколку видови потенцијални несакани ефекти што можат да резултираат од внесување на нов ген во организмот. Здравствени ефекти од примарна загриженост на проценувачите на безбедноста се создавањето нови алергени, зголемена токсичност, намалена нутритивна вредност и антимикробна резистенција. Контроверзиите и јавната загриженост околу ГМО-храната и ГМО-културите најчесто се фокусираат на безбедноста на човекот и животната средина, означувањето и изборот на потрошувачите, правата на интелектуална сопственост, етиката, безбедноста на храната, намалување на сиромаштијата и зачувување на животната средина“, беше истакнато на трибината.

Претставниците на домашните компании ја искористија трибината да ги презентираат своите видувања, но и проблеми со кои се соочуваат како резултат на контрадикторноста на Законот, од една страна, и инспекциските служби, од друга.

На крајот на трибината беше договорено тие да се обратат до Комората за сите отворени прашања во однос на ГМО-делот, по што би се покренале итни разговори со највисоките претставници од Агенцијата за нивно итно решавање, а сè со цел да се создаде поповолна бизнис-клима за работа на компаниите од прехранбениот сектор.

 


 

akademik.mk

Share Button