fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Тркалезна маса: Пестицидите ги трујат пчелите, да се донесе закон за нештетни средства за заштита на растенијата

За подобрување на состојбата неопходни се законски решенија за употреба на пестициди кои не се штетни за растителните опрашувачи, вклучувајќи ги и пчелите, воведување агроеколошки мерки.

Закон кој не соодветствува на состојбите во секторот, употреба на пестициди кои не се дозволени, недоволно знаење, фалсификуван мед на пазарот, непознавање на процедурите и надлежностите, се клучните проблеми со кои се соочува македонското пчеларство.

Како што беше речено денеска на тркалезна маса во Министерството за земјоделство, дополнителен предизвик е и сè уште многу слабата соработка меѓу земјоделските производители и пчеларите.

-За подобрување на состојбата неопходни се законски решенија за употреба на пестициди кои не се штетни за растителните опрашувачи, вклучувајќи ги и пчелите, воведување агроеколошки мерки, зачувување, одржување и проширување на природните живеалишта на пчелите, соработка меѓу различните чинители посебно во руралните подрачја, истражувања и подигнување на јавната свест, истакна Ирена Џимревска од СЕДРА (Поддршка на економската диверзификација во руралните средини во Југоисточна Европа).

Министерот за земјоделство Трајан Димковски потсети дека во 2018 година Владата го усвои Предлог-законот за фитофармација и го достави до Собранието. Со него, како што рече, ќе се овозможи комплетно усогласување со релевантните европски регулативи. Дозволите за регистрирани производи за заштита на растенијата целосно ќе се синхронизираат со земјите-членки на ЕУ кои имаат идентични климатско-почвени услови како нашите. Тоа се Португалија, Шпанија, Италија, Франција, Грција, Кипар, Малта, Бугарија и Хрватска.

-Министерството лани одзема девет вакви дозволи, а во завршна фаза се и дополнителни пет. Стручната комисија ги следи препораките за укинување или ограничување на употребата на одредени активни супстанци и ги применува во пракса, нагласи Димковски.

Според проценките, 76 отсто од производството на храна зависи од пчелите. Од економски аспект, на глобално ниво, тоа се околу 14,2 милијарди евра.

извор:Канал 5

Слични написи

Back to top button
Close