вести

Турбуленциите во цените на свинското месо засега во полза на граѓаните

Производителите на свинско месо донесоа одлука да ја намалат цената на свинското месо. Цената на свинско жива мера ќе се движи од 90 до 95 денари за килограм до пред Нова година и божиќните празници, за кога се најавува минимално зголемување на цената. Според граѓаните, ова е добра вест, 6идејќи пред три месеци цената на свинското месо имаше енормен пораст на берзите, а воедно се зголеми и во малопродажбата за околу 20 отсто.

turbulenciite vo cenite na svinskoto meso zasega vo polza na gragjanite

 

Како што истакна претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, членовите на здружението одлучиле да покажат флексибилност и слобода при формирањето на цените во зависност од времетраењето на соработката, големината на порачките и од начинот на плаќањето.

– Ова го правиме за да докажеме дека сакаме да имаме цврсти и постојани односи со нашите партнери и на овој начин ќе ги задоволиме и потребите на потрошувачите со македонско свежо месо, со што ќе влијаат и на подобрување на стандардот на граѓаните вели Шаклев.

Според него, со овие цени се уште ќе се движат во границите на рентабилноста.

– Се надеваме дека ова ќе се задржи и се надеваме дека до Нова година и до божиќните празници ќе има извесно мало покачување на цената на свинското месо за да може да ги покриеме загубите што ги правевме девет месеци објаснува Шаклев.

Трендот на зголемување на цената на свинското месо започна пред три месеци, таа почна да се движи по нагорна линија на европските пазари. Причината за тоа беше намалениот сточен фонд во Европа поради затворањето на руските граници за нивните производи, но и големата побарувачка од Кина на 2 милиони тони свинско месо од ЕУ, која го измести пазарот. Во Србија, од каде што и најмногу го увезуваме, цената на свинското месо летоска се зголеми за 20 отсто. Но, како што велат експертите, анализите покажале дека зголемувањето на цената е вештачки направена од страна на кланиците и месарниците на мало и таму цената од 190 паднала на 150 динари.

Според Љупче Станковски, претседател на здружението за земјоделци „Агрофаланга”, со намалувањето на цената на свинското месо производителите нема да почувствуваат никаква загуба, бидејќи со оваа цена тие ќе бидат во состојба на позитивна нула.

Оваа цена за која одлучиле е исплатлива, бидејќи пред две години откупната цена на свинското месо се движеше околу 65 денари, што е катастрофална и не беше рентабилна. Сепак, просечната цена на еден товеник чини 85 денари за килограм вели Станковски.

Како што истакна тој, светската берза е причина за турбуленциите што се случуваат со цената, додавајќи дека затоа и цената не се одржува редовно.

Србија веќе извесен период ја има намалено цената на свинското месо, сметам дека и тоа е причината за намалување на цената во Македонија, за да го спречиме увозот на поевтино месо и за да не остане нашето домашно производство, да нема вишок свежо свинско месо, а наедно да бидеме и поконкурентни објаснува Станковски.

Производителите велат дека сериозни нарушувања на пазарот предизвикува порастот на увозот на смрзнато свинско месо, кое се продава и како свежо свинско.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупното производство на месо е намалено за 3,3 отсто, но производството на свинско месо во 2015 година е зголемено за 9,5 отсто во однос на претходната година. Производството на свинско месо во 2015 година изнесувало 10.826 тони.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close