Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести
Тутунарите се налутија на Владата што се уште не го разгледала петтиот пакет мерки
Немојте да не отргнувате од нивите и да не носите на патиштата, порачуваат тутунопроизводителите..
И покрај нашите обиди преку писма испратени до Владата, и до ресорното министерство за побрза исплата на петтиот ковид пакет и побрза исплата на субвенциите, до денес тоа не се случи, стои во најновата реакција на тутунарите од новоформираните здруженија во Пелагонија, откако вчера министерот за земјоделие Арјанит Хоџа во Битола изјави дека оваа недела треба да се разгледа во Владата.
-Иако имаше најави и од премиерот, а и во одговор на нашите писма од страна на МЗШВ дека тоа ќе се случи во првата половина на месец мај, тоа како што гледаме не се случи, а министерот во Битола изјави дека се уште не бил разгледан на Влада 5-тиот пакет мерки за тутунарите.
Затоа јавно прашуваме што работеше Министерството во изминативе 2 месеци? Согледувајќи ја несериозноста и пристапот со ова писмо упатуваме последен апел до Министетството и Владата, да не одолговлекувате и да не манипулирате со нас тутунарите и да не ја влошувате дополнително и онака нашата тешка материјална состојба.
Имајќи во предвид дека новата реколта веќе е во полн ек со расадувањето, потребите од финансиски средства ни се повеќе од потребни. За таа цел, бидеќи огромна група на тутунопроизводители кои се повеќе ни ја даваат довербата и бараат преку нас одговори од страна на институциите испраќаме уште еден апел до надлежните.
Исплата на петтиот ковид пакет на сите тутунари подеднакво за сите класи. Исплата на субвенциите веднаш и нивно израмнување на 90 денари по сите класи. И исполнување на ветувањето на премиерот кое им го даде на тутунарите за просечна цена од 180-185 денари.
Само на овој начин може да се ублажат загубите кои ги претрпивме во изминатата реколта. Секој друг начин го сметаме за популизам и манипулација врз тутунарите од страна на институциите.
Да ве предупредиме како бројно сериозна група која има важно значење во полнењето на Буџетот на државата, нашите права ќе ги бараме на најтешкиот и најнепопуларен начин односно на протести кои ако не се исполнат овие наши барања ќе се случат наскоро.
Затоа, немојте да не отргнувате од нивите и да не носите на патиштата. ОД ВАС ЗАВИСИ. Да бидеме одговорни секој во својот дел на делување е апелот на тутунарите, стои во реакцијата на четирите тутунски здруженија кон Владата и МЗШВ.