Тутунот засега е најисплатлива култура

(Oвој напис е објавен на: June 6, 2019)

Пелагонија

И покрај цела тешкотија околу  производството, споредено со останати култури,  производството на тутун за сега е  најсигурна и исплатлива култура. Во пелагонискиот регион голем е бројот на земјоделци кои се занимаваат исклучиво со одгледување на тутун. Договорното производство и гарантираната цена се условите за што земјоделците се одлучуваат да продолжат со негово производство.

Врнежливото време им предизвика големи проблеми на тутунарите во извршувањето на втората фаза – расадувањето. Покрај не можноста да се влезе во нивите и да се сади, тутунарите успеаа да ги засадат предвидените површини со тутун.

Реџеп Алиоски од с. Мусинци  општина Новаци оваа сезона посади тутун на површина  од 13 погони.  Годината во претходната реколта беше многу врнежлива, но сепак Реџеп е задоволен од постигнатиот квалитет на род. Субвенциите ги добил на време и смета дека тутунот во моментот е најрентабилната култура и најмногу се исплаќа. Токму затоа оваа година  посади 6 декари повеќе од лани  и се надева на род од околу 3,5 тони тутун.

-Цел живот се занимавам со земјоделство, имам овци, житарици и  тутун, но моментално најмногу се исплати тутунот. Навистина има многу работа но и чиста заработка, нема многу давачки. Со овците и јагнињата е многу тешко, откупната цена е многу ниска. Исто и со житото не се исплати, вели Реџеп.

Ердо Ислам  од с.Канатларци прилепско  е 25 годишен млад земјоделец  кој ги следи стапките на својот татко. Завршил економски факултет но се занимава со земјоделство. Покрај останатото се занимава и со производство на тутун. Потврдува  дека одгледувањето на тутун е многу тешко, но е исплатливо.

-Лани годината беше врнежлива, но сепак добро поминавме. Имав род од 10 тона  за што постигнавме просечна цена од над 200ден/ кг . Да беше годината подобра ќе имав  род од 12т. Сепак тутунот моментално е најисплатлив. Оваа година  го засадивме на површина од 4 ха и ако биде се во ред очекувам околу 10 т тутун.

Пелагонија е регионот каде што најмногу се произведува тутун. За оваа реколта во општините во Пелагонија издадени скоро 13000 евидентни листови.

Според податоците  ПЕ МЗШВ во Битола издадени се вкупно 2513 евидентни листови за вкупно 1900 ха,а се очекува околу 3000 т тутун.

Од канцеларијата на ПЕ МЗШВ во Прилеп која ги опфаќа покрај прилепската и општините  Долнени и Кривогаштани издадени се 11 000 евидентни листови за тутун што ќе се сади на површина од 7000ха.

И покрај исплатливоста на оваа култура од тутунарските здруженија велат дека од година во година се намалуваат површините засадени со тутун .

 

П. Јовановска