fbpx
ВестиРурален туризамТоп вести

Убавата рурална Вратница има се, само луѓе не

Кога Бог ја создал и дал се, ова е попупарната изрека за тетовска Вратница село лоцирано во Долни Полог во подножјето на планинскиот врв Љуботенна околу 700 метри надморска височина

 

 

Оваа рурална убавина е оддалечена 22 километри од Тетово, и е на само 5 километри од граничниот премин Јажинце. Предели со недопрена природа, чист воздух , езеро, лозје, планински врвови убави куќи и средени дворови, идеално место за спокоен живот.

Ова подшарпланинско село изобилува и со голема традиција, значајни личности. Нејзината богата историја, природни убавини се предочени во Вратничката енциклопедија напишана на вратнички дијалект. Вратница е овековечена на 270 страници, а енциклопедијата беше промовирана месецов. Автори на книгата која се пишуваше 4 години се Стево Томовски и Душан Синадиновски.

-Вратница ја живее, ја доживува и ја преживува Македонската судбина, се помалку народ има тука за жал. Таа е црната судбина надвисната над Вратница и тоа не натера да оставиме трага за Вратница во оваа енциклопедија ,времињата се чудни не знаеме што ќе се случи и затоа одлучивме да ја зачуваме историјата на ова прекрасно рурално место, вели еден од авторите на книгата Стево Томовски.

Сепак и покрај исселувањето тие што останале да живеат тука, не се откажуваа од својот роден крај и се уште работат на проекти за подобар живот на мештаните .За задоволување на потребите на селото се грижи Здружението на жители на Вратница, кое правно функционира веќе неколку години.

-Имаме подршка од дијаспората. Купивме багер за расчистување, чистење на канали и слично. Имаме соработка со општината тие реализираат проекти. Имаме канализација, вода за пиење, хостел фабрики, имаме централно училиште, имаме фудбалско игралиште, детско игралиште. Кој сака да живее тука ќе има идеални услови за живот, рече Мирослав Кировски претседател на Здружение на жители на Вратница

 Дека може да се живее во Вратница и да се има успешен бизнис покажува вратничанецот, доктор Ванчо Несторовски. Тој пред 30 години, токму во селото, отвора стоматолошка ординација, која уште тогаш ја посетуваат голем број пациенти од околните села, од Тетово, но кај него доаѓаат и странци. Години подоцна, бизнисот го проширува со отворање на уште една специјалистичка ординација по орална хирургија лоцирана во градот Тетово. Тој работи и на двете локации, но живее во Вратница, од каде ја црпи целата енергија за секој негов работен ден. Мирот и тишината, природата, чистиот воздух и Љуботен му ги полнат батериите.

Сепак и покрај многуте позитивните  примери Вратница како и секое друго село за нормален развој го кочи исселувањето на младите, процес кој го прави селото неперспективно

 
Како една од причините за исселувањето на жителите од руралните средини е централизацијата на државата. Се се случува и инвестира во Скопје.

 

-Замислете во 21 век имаме прекини во снабдувањето со струја. Четири пати во месецот имаме прекини. И ако имаме такви прекини, нормално дека нема луѓето да инвестираат тука. Има и други проблеми на пример ако некој човек од рурално село како Вратница сака да остави хипотека за да земе кредит, банките не ги прифаќаат хипотеките кои се лоцирани во селата или пак ако се прифати едвај се вреднува, односно многу малку се вреднува, рече Сашо Серафимовски жител на Вратница и сопственик на фабрика лоцирана во Вратница.

 

Во Вратница има дури и езеро кое е направено со цел да се користи за наводнување на лозовиот насад, а воедно се користело и како рибник. Но, години подоцна настанува проблем со одржувањето на Езерото. Се менувале стопанствениците, се менувале закони и сето тоа на штета на Езерото.

 

Стотина метри подолу се наоѓа огромна површина засадена со лозје. Тука се одгледувало врвно винско и трпезно грозје. Сега ова земјиште е одземено од вратничани, а никој не се грижи за него.

Вратничани до сите надлежни институции апелираат горенаведените проблеми кои ги тиштат жителите етапно да се решаваат, со цел во  оваа рурално место да запре исселуавњето  и конечно да започнее да се развива.  

Зоран Димовски

Слични написи

Back to top button
Close