fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Вевчанскиот карневал, вековна традиција под маски

Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено

Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ќе ја прикажат изминатата година, денеска напладне официјално почнува Вевчанскиот карневал „Василичари 2022 година“.

Двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во земјава и светот ќе продефилираат низ вевчанските улици. Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, а секое карневалско издание за вевчанци е доживување и инспирација за изработка на маска за следната година. Вевчанци ќе кажат се, но до последен момент, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

Вевчанскиот градоначалник Спасе Кочовски истакна дека маските не сакаат никого да навредат, туку само прикажуваат што се случувало изминатите 12 месеци. Сместувачките капацитети, иако во мал број, според него, се исполнети до последното место, а очекува гости и од околните населени места.

Новата година, според Јулијанскиот календар ќе биде дочекана со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Перо Бели, Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски.

Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува на 14-ти, попладне со карневалско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.

Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото и двајцата глупави Августи, кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар.

Манифестацијата „Вевчански карневал“ почна вчера со отворање на мултикултурниот центар „Коста Србакоски“, отворање изложба и настап на културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани. Во забавниот дел, вевчанци и гостите синоќа ги забавуваа ди-џеј Фејс и Жаре бербер. https://nezavisen.mk/vevchanskiot-karneval-vekovna-tradicija-pod-maski/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close