ВестиВкусот на традицијатаСовети
Вишна – значајна култура за овоштарското производство
Географската положба и еколошките карактеристики на територијата на нашата земја обезбедуваат поволни услови за рентабилно одгледување на голем број овошни култури.
Со производство од околу 8 илјади тони во последниот петгодишен период, во структурата на овоштарското производство вишната го завзема четвртото место. Вкупните површини под оваа култура се движат околу 1500 ha, од кои голем дел се подигнати последните 3-4 години и се уште не се влезени во полна родност. Поради големата прилагодливост на еколошките услови, вишната може да се одгледува во сите производни региони во Македонија.
Иако постојат голем број сорти, во производните насади кај нас е застапена само облачинската вишна. Таа потекнува од популациите на вишни од балканските простори, каде е најмногу раширена. Тежината на плодовите се движи од 2,5 до 3,5 g, а при интензивна агротехника може да постигнат просечна маса и до 4,5 g. Формата им е од округла до малку сплескана. Имаат цврста лушпа, интензивно, темно црвено обоена, а месото е цврсто и збиено. Имаат пријатна арома и накисел вкус. Квалитетот е многу висок, со 18 – 20 % растворливи суви материи, 1,8 % вкупни киселини и 0,52 % минерални материи. Коската е ситна и лесно се одвојува од месото. Рандманот на мезокарпот е висок, од 88 – 93 %. Плодовите во полна зрелост се погодни за механизирана берба, бидејќи лесно се одвојуваат од дршката, но за оваа цел треба примена на посебна технологија на подигање и одгледување на насадите. Во зависност од локалитетот и климатските услови, со берба се започнува од втората декада на јуни до почетокот на јули. Плодовите се доста транспортабилни и релативно добро се чуваат (во ладилник 7-10 дена).
Облачинската вишна е ниска и добро разгранета овошка, која при слободно одгледување без посебна резидба има височина од околу 3,5 m. Со правилно формирање и резидба овошката може да се одржува на висина од 2 – 2,5 m. Круната има спур карактеристики, затоа е одлична за погусто садење. Добро и лесно се одржува со минимална и правовремена стручна резидба. Рано стапува во плодоносење, уште во третата година, а во 4-5 година стапува во полна родност. Во многу висок степен е самоопплодна и може да се одгледува во моносортни насади. Има висок генетски потенцијал за формирање на цутни пупки. Не е склона кон алтернативно плодоносење. Затоа редовно и обилно раѓа секоја година и дава високи и стабилни приноси.
Според сегашните цени за подигање и одгледување на насад од облачинска вишна до период на полно плодоносење вкупните инвестиции изнесуваат од 7 – 9000 €/ha. Во нормални услови на одгледување, со примена на потребните агро, помотехнички и заштитни мерки, во современите насади може да се смета на сигурен и редовен принос од 12 – 15 h/ha. Со ваков принос и добар квалитет и со редовна цена на плодовите (0,4 – 0,5 €/kg) од насадите може да се очекува позитивен економски ефект од 2000 – 2500 €/ha.
Валентина Соколовска
за Зелена берза