„Вкусот на Буково“, настан кој го промовира брендот „буковска пипер“

(Oвој напис е објавен на: October 14, 2019)

За сите оние што се прашуваат зошто се вика „буковска пипер“ и зошто е посебна  и по што се разликува од сите оние што ја  нарекуваат буковка, буковец,  итн. , дилемите ги разрешува Президиум Буково. По трет пат во битолското село Буково во неделата на 13 октомври ја организираше манифестацијата „Вкусот на Буково“ 2019.

На местото викано „Збирало“ никој не учекуваше дека на многу лесен и креативен начин ќе биде претставен брендот  на Буково, прочуената буковска пипер  која е неизоставен додаток на јадењата на територијата на Македонија и во поширокиот регион. Заедно со тој бренд  жителите од ова село покажаа уште еднаш дека буковската пипер е дел од богатата традиција на ова место.  Преку орото и песната па до дегустација на буковска пипер и останати производи и готвени јадење со пиперка, пазар на локални сезонски производи  манифестацијата беше празник за очи и душа.

„Како здружение задоволни сме од постигнатото. Целта ни е да го негуваме брендот на буковската пипер“ и секако да го развиваме, на тој начин што ќе ги поттикнеме жителите на ова село да продолжат да произведуваат црвена пиперка и од неа да продолжат да ја прават на тој традиционален начин, буковската пипер. Свесни сме дека е мал процентот на млади земјоделци што сакаат да ја продолжат оваа работа, некаде ги има околу 15% од земјоделците, но затоа преку вакви активности ќе продолжиме да го промовираме овој производ. Задоволни сме од интересот кај помладата генерација ученици кои пројавија интерес за сите фази во процесот на изработка на пиперта“, изјави за Зелена берза  Елизабета Каровска претседател на Здружението Президиум Буково, организатор на настанот.

Како што вели организаторот интерес за буковската пипер има и од странство, особено по снимањето на документарниот филм од германска телевизија, после што се зголеми и бројот на туристи што доаѓаат во Буково со цел одблизу да се запознаат со самиот процес на производство.

Она, на  што во идниот период е потребно да се работи не е само зголемување на  интересот кај мештаните за производство на пипер , туку и помош од страна на државата која ќе ги поттикне младите да го негуваат овој бренд кој стана препознатлив на секаде, велат од Президиум Буково.

Настанот беше помогнат од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Slow food Битола како и Општина Битола.

Павлина Јовановска