fbpx
Вести

Владата со нови ладилници ќе ги спасува родот и откупот

otkup

Новата Влада ќе поттикне формирање на складишни капацитети и откупно дистрибутивни центри со капацитет од повеќе од 5.000 тони.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги следи состојбите на терен, бербата, откупот и пласманот на земјоделските производи и ќе ги преземе сите неопходни мерки за непречен откуп, дистрибуција и заштита на домашното производство, соопштуваат од Министерството.

Тим од Министерството деновиве се сретнал со производителите, откупувачите од земјава и од странство, независни земјоделски синдикати и здруженија, за да добие информации како се одвива откупот на градинарски производи од струмичкиот и Тиквешкиот регион каде што во тек е бербата на праски, круши, кајсии, црешни, вишни и друго.

– Од посетата се потврди дека и ова година ќе ги имаме истите проблеми. Се заклучи дека голем број регистрирани откупувачи кои имаат искуство со извоз, немаат стабилни партнери кои согласно склучените предвремени договори би имале динамика на прифаќање на земјоделските производи. Постојат вештачки блокади од странски партнери, за што причина е неусогласеноста на цената при откупот. Странските откупувачи не информираа дека имаат забелешка, што во една гајба се пакува по три вида на сорти, а производите во отсуство на ладилници се чуваат во несоодветни услови. Од средбите произлезе дека има потреба од подобро организирање на пазарот, подобра соработка помеѓу производителите и трговците, но и двете страни искажаа потреба од почеста и поблиска комуникација со Министерството, особено во сезоната на откупот – велат од Министерството.

Новата Влада ќе поттикне формирање на складишни капацитети и откупно дистрибутивни центри со капацитет од повеќе од 5.000 тони и ќе поддржи иницијативи од индивидуални земјоделски стопанства, задруги и здруженија за изградба на мали ладилници за чување земјоделски производи со капацитет од 500 тони.

На овој начин, сметаат во Министерството, земјоделците ќе ги одржат производите квалитетни и ќе можат да постигнат повисока откупна цена.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со потсекторските групи веќе започнало да работи на промената на политиките кои се покажале како непродуктивни.

– Новата реформска Влада има план преку МЗШВ да спроведе сеопфатна програма за поддршка на сите чинители во секторот.
Дополнително се работи на создавање на подеднакви пазарни услови кои ќе важат за сите, и во еден таков фер пазарен однос ќе се воспостави и фер однос кон цената на земјоделските производи. Во програмата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој посебен осврт ќе се даде на примарното производство, односно земјоделецот ќе биде во фокусот. Ваквата состојба со сигурност ќе овозможи зголемено производство – додаваат од Министерството.


 

инфоплус.мк

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close