fbpx
ВестиТоп вести

Во дел од тетовско се одгледува овошје и зеленчук на почви загадени со тешки метали особено Арсен

Во една од најруралните општини во полошко Јегуновце, каде населението се занимава претежно со земјоделство, нивите се загадени со тешки метали особено Арсенот. Така покажаа мострите земени од почва во горниот дел на општината. Со направените анализи се утврдило дека присуството на Арсен е за два ипол пати повеќе од дозволените граници. Почвата е испитана и во Тетово, од каде се добиле многу слични резултати.

-Ние зедовме два примерока. Во општина Јегуновце во близина на фабриката Југохром и во дворот на основното училиште Кирил и Методиј во Тетово. Решивме да започнеме со испитувања на оваа земја, затоа што се претпоставува дека е загадена и тоа сакавме да го потврдиме со наука. Така испадна. Дури и подлабоко во земјата и до четриесетина сантиметри има присуство на Арсен. Ваквите испитувања ќе продолжат и на останатата земјоделска површина во Тетово, за да утврдиме какви продукти јаде населението. Потоа треба да се изработи стратегија како да се прочисти земјиштето. За тоа ни треба подршка од институциите, кои се надлежни за одржување на чиста животна средина, но и произведување на здрави земјоделски производи, рече Кире Кочов од невладината организација Вила Зора од Велес, која заедно со здружението Еко Герила од Тетово ги вршеа испитувањата.

 

Постојат повеќе начини за прочистување на почвата од тешките метали. Едниот од нив е преку природен пат.

 

-Наша цел по направените анализи на почвата како и на зеленчукот и овошјето што се произведува тука, е да се преземат соодветни мерки за чистење на земјата од тешките метали што веќе се присутни особено со процесот на фиторемедијација односо засевање на критичните земјоделски површини со соодветни растенија кои ги црпат тешките метали од почвата. Тоа што е наша голема замерка е дека немаме никаква активност од надлежните државни институции за нивно вклучување во овој процес што треба да гарантира дека земјоделските површини во целата држава ќе станат здрави и незагадени од тешки метали  што пак ќе  придонесе за производство на здрава и чиста храна. За чистење на кадмиумот во почвата во велешко како последица од работата на тамошната топилница најделотворна се покажала маслодајната репка. За тетовско дополнително треба да се прошират анализите и на други места како и да се одбере соодветното растение што најмногу ќе придонесе во чистењето на почвата од арсен, рече Кире Кочов од Вила Зора.

Аријанит Џафери од Еко Герила, рече дека анализите кои ги направиле треба да  ја алармираат јавноста и институциите посериозно да се зафатат со овој проблем.

 

Присуствотот на Арсенот во човековото тело е причина за сите болести

 

Анализите за загаденоста на почвата во тетовско беше презентирана на Универзитетот на Југоисточна Европа како дел од од проектот “Да ја заштитиме почвата од загадување“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. На неа учествуваа разни експерти, студенти, професори, здравствени работници. Универзитетскиот професор Бесник Реџепи од Тетовскиот универзитет, рече дека Арсенот е многу штетен за човековото здравје, особено ако го има во поголеми количини. Во случајот тој може да влезе во човековиот организам преку храната, ако истата се произведува на почва загадена со Арсен, како во случајот со дел од тетовската почва.

-Морам да истакнам дека како таков Арсенот го има во самата природа. Може да се создаде при поројни дождови на пример на Шар Планина кога врне дожд во самата структура на земјата при поголеми количини на вода се создава Арсен. Но тоа е во помала количина, односно под максималните граници. Ако имаме Арсен над максималните граници во почвата како во случајот што покажаа испитувања за Јегуновце и Тетово тогаш е опасно тоа. Затоа што начуно е докажано дека Арсенот е поврзан со сите болести во човековото тело, да не ги набројувам сега. Затоа треба да се преземат итни чекори, затоа што е факт дека почвата е загадена не само од индустријата, туку и од самиот човек кој произведува на тие ниви. Знаеме сега со какви препарати го прскаме овошјето и зеленчукот, а со тоа ја загадуваме самата почва. Мора да се размислува на одгледуавње на земја со природни алтернативни препарати, а тие веќе се користат во западно европските земји. Треба и институциите да бидат внимателни и да вршат поголеми контроли на храната која населението ја конзумира. Ова особено важи за Агенцијата за храна и ветеринарство, односно за Фитосанитарната инспекција, рече  Универзитетскиот професор Бесник Реџепи.

Според присутните на трибината во тетовско деконтаминацијата ќе оди малку потешко, за разлика од велешко каде прочистувањето на земјата со засадување на Маслодајна Репка се покажало доста успешно.

-Во тетовско ваквиот начин на прочистување можеби би одело малку потешко, затоа што нивите се расцепкани односно немаат една целина и така е малку потешко изводливо. Но како и да е треба да се почне, затоа што мора да се исчисти почвата, ако сакаме да јадеме чиста и здрава храна. Исто така друг чекор што треба да се преземе е обештетување на земјоделците, односно на тие земјодели кои ќе учествуваат во процесот на чистење на земјата, затоа што додека трае тој процес, на пример со Маслодајна репка или пак со некое друго растение, земјоделецот не може да ја користи таа површина воопшто и мора да добие некоја надокнада од државата, ако сакаме да се мотивираат земјоделците да преземат чекори на деконтаминација на нивните ниви од тешки метали, кои се опасни по човековото здравје,  рече Александар Сотјанов инжинер – агроном од Влес.

Процесот на деконтаминција преку природен пат според познавачите на приликите треба да трае од 3 до 5 години.

Зоран Димовски

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close