Во каква чаша се служат различни видови вино?
Љубители на виното или вистински познавачи? Не е важно во која категорија спаѓате, сè додека ги знаете барем основните информации и правила за консумација на вино.
Сервирањето на виното се врши во вински чаши. Во основа постојат 4 типа вински чаши, и тоа за црвено, бело, пенливо и десертно вино. Винската чаша мора да биде од чисто и тенко стакло, без гравури. Висината на држачот е различна и со неа се одредува колку топлина виното ќе преземе од раката. Чашата мора да е со поголем волумен, така на пример, ако во чашата налеваме 150 мл вино, нејзиниот волумен треба да е барем 300 мл , за да можеме да го вртиме виното. Процесот на вртење на виното овозможува испарување на аромите од виното, обликот на чашата е тој што ги задржува во чашата.
Чашите за бело вино се во облик на лале. Имаат подолг држач за да се избегне затоплување на виното. По волумен се помали, затоа што нема потреба од воздух при вртењето на виното.
Чашите за црно вино, исто така имаат облик на лале, но тие се малку позаоблени и со поголем волумен. За постарите вина се користат поголеми чаши.
Чашите за десертни вина се мали поради тоа што овие вина се со поголем процент на алкохол, и потесни на врвот за да се зачуваат аромите од виното.
Чашите за пенливи вина се со трубест облик за да може полесно да се ослободуваат меурчињата од СО2.