Во Кавадарци се одржа трибина за регистрирање семејни винарии
Трибина за регистрирање семејни винарии, правилата, потесните услови и обврски што произлегуваат со регистрирањето, се одржа вечерва во Кавадарци.
На трибината беа презентирани чекорите кои треба да се преземат од страна на индивидуалните производители, за да може да се регистрираат мали семејни винарии.
– Проблемот беше што порано требаше да се исполнат истите услови како големите винарници. Сега законот за вино се прилагоди кон барањата на производителите, нагласи министерот за за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
Присутните, кои на трибината имаа можност да поставуваат прашања, се интересираа, меѓу другото, колку ќе го чини производителот една ваква постапка, за да влезе во огромното море со вино во државата.
– Сите пречки кои ќе наидат на патот на регистрирањето, ќе бидат отстранети со помош на стручни служби. Првично, за регистрација се потребни околу 200 евра, им појаснија претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Најавени се и олеснувања и поддршка и за малите семејни бизниси при производство на маџун од грозје. Целта е, беше речено на трибината, да профункционираат овие мали семејни бизниси, кои се однесуваат на преработка на грозје, а притоа да се користи и поддршката за развој од домашни и странски фондови.
Горан Јаковлевски од Здружението „Тиквешки семејни винарии”, нагласи дека кај нив веќе има повеќе заинтересирани производители за регистрација. Додаде дека сите работи кои порано им сметале, со новото законско решение и правилник биле отстранети. /МИА
извор: Канал5