Во Македонија не се увезени турски домати со спорна декларација
Во Македонија не се увезени небезбедни домати за здравјето на граѓаните, тврди Агенцијата за храна и ветеринарство, откако соседна Србија се крена на нозе по појавата во медиумите на слика со пратка со увезени домати од Турција, на чија декларација пишува дека нивната кора не е за човечка исхрана.
Се огласија и српските власти, министерот за земјоделство на таа земја, Бранислав Недимовиќ, тврди дека доматите увезени од Турција се апсолутно безбедени за исхрана, и се работи единствено за неточна декларација која се нашла на гајбите. Недимовиќ не можел да ја објасни како дошло до грешка во декларацијата, но најавил дека одговорните ќе бидат санкционирани.
И главниот фитосанитарен инспектор, Ненад Милојевиќ, вели дека најверојатно дошло до забуна, при што не се мислело на кората на доматите, туку на кора на агруми.
„Веројатно е техничка грешка која се случила при декларирањето од страна на увозникот. Освен со увоз на домати, увозникот се занимава и со увоз на агруми од Турција, а на декларацијата на тоа овошје тие обично ставбаат препорака дека кората не е за исхрана“, рече Милојевиќ.
Тој објасни дека увезените домати од Турција ги испитал санитарен инспектор на граничен премин, по што бил земен примерок врз кој биле направени лабараториски анализи, и по добивањето на резултатите инспекторот издал решение дека е безбедно тој производ да се стави во промет. Увозниците мора да внимаваат декларациите да бидат во согласност со производот и да не ги доведуваат во заблуда потрошувачите, рекол Милојевиќ. Подоцна српските медиуми ја објавија и веста дека на тамошните пазари не биле пронајдени такви производи.
Реагираа и српските потрошувачи. Тие не веруваат дека станува збор за техничка грешка.
„Да, гледавме и досега такви декларации, но на агруми, лимони и портокали. Никогаш не беше за домати. Така што, нечие правдање, мислам беше од министерството, дека станува збор за техничка грешка, едноставно звучи неразумно и неубедливо, бидејќи пишува дека кората не е за употреба кај доматите, а не за лимони или портокали. Овој трговец веројатно заборавил да ја тргне етикетата, но многумина тоа го сториле“, вели Горан Поповиќ, претседател на Организацијата на потрошували на Србија.
Од нашата Агенција за храна и ветеринарство тврдат дека во земјава не е извршен увоз на небезбедни домати од Турција. Од почетокот на годинава досега, од оваа земја, како и од Грција, Албанија и од Италија, увезени се 264 пратки со домати, во количина од над 2,5 милиони килограми, но Агенцијата досега нема добиено нотификација за увоз на небезбедни домати по потекло од Турција на македонскиот пазар.
„Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат континуирани контроли на пратките кои се увезуваат во Македонија, и истите на пазарот во земјава се пуштат исклучиво по добивање на наод од извршени лабораториски испитувања, со кои се потврдува безбедноста, односно дека зеленчукот кој се увезува не содржи пестициди или други штетни материи над максимално дозволените концентрации. Редовно се контролира и домашниот пазар, дистрибутивните центри, како и преработувачките капацитети“, велат од Агенцијата за храна.
Додаваат дека дополнително, прометот со зеленчук се контролира во рамки на контролите на мешовитите продавници, кои вклучуваат и трговија со овој тип на производи.