До комисијата за природни елементарни непогоди во Општина Могила поднесени се 130 барања од земјоделци кои претрпеа штета од невремето што ја зафати оваа општина. Во невремето од силен дожд и град направена е штета на површина од 300 ха. Општинската комисија излезе на терен за да направи увид врз направените штети.
„Ќе биде извршен увид за сит поднесени барања од земјоделците и ќе постапуваме согласно законските надлежности на општината, вели Јасмина Гулевска, градоначалник на општина Могила.
Во период од две седмици општината четири пати ја зафати невреме со дожд и град. Во општинската комисија за пријавување на штети е продолжен рокот за пријавување, вели Кире Николовски, член на оваа комисија.
„ До комисијата поднесени се 130 барања од земјоделци што претрпеле штета. Најмногу настрадаа пченицата, пченката, бостанот, пиперот и тутунот. Некои култури се 100% уништени. Кај пченицата се забележани штети од 90 – 100%, а кај пиперот од 60 -70%. Комисијата ќе направи увид на штетите по сите доставени барања. По направениот увид комисијата ќе изработи елаборат за направените штети и ќе го достави Комисијата за штети во Владата на Македонија“, изјави Николовски.
Најмногу барања доставиле земјоделци од с.Добрушево, а поднеле барања и земјоделци од селата Ношпал, Мусинци, Алинци, Трап и Будаково. Нанесените штети се огромни. Земјоделците се надеваат дека надлежните ќе им помогнат загубите полесно да ги претрпат. Дали и колку ќе им биде надоместена претрпената штета ќе зависи од Владата.
П. Јовановска