fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Во Пелагонија кај Новаци ќе се гради регионална депонија за 18 општини

Депонијата треба да биде на местото каде што се копаше лигнит за потребите на РЕК „Битола“.

Над 10 години се договара отворање на регионална депонија во срцето на најплодната житница во државата, Пелагонија. Сега, започнување на нејзината реализација се најавува за следната 2023 година.

Новата регионална депонија ќе биде сместена наспроти постојната дива депонија Мегленци што ја управува „Комуналец“ од Битола. Таа ќе се гради североисточно од селото Новаци на околу 5,3 км, или  2,4 км југозападно од селото Мегленци кое е најблиско населено место.

На оваа локација претходно РЕК„ Битола“ експлоатираше лигнит. Тука според сите планови би се збирал сметот од сите 18 општини и би се третирал според европски стандарди. Во Пелагонискиот и југозападниот регион има нерегулирани диви депонии со голем ризик врз животната средина, па планот предвидува нивно затворање.

Трошоците за изградба на регионалната санитарна депонија во Новаци и за набавка на потребната опрема за санитарно депонирање на отпадот се во вредност од околу 22 милиони евра, од кои најголемиот дел ќе се употребат за депонијата, велат од Министерството за животна средина.

Финансиските средства за воспоставување на овој систем за управување со отпадот се обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Очекуван период за одобрување на заемот е третиот квартал од 2022 година.

Сепак, самата најава дека туку во Пелагонија ќе се носи сметот од целиот југозападен регион, не ја остава рамнодушна овдешната јавноста. Вчера градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кажа дека Советот на Југозападниот плански регион донел одлука за формирање јавно меѓуопштинско претпријатие во Новаци за транспорт на смет. Имплементација на овој проект ќе се одвива релативно брзо, рече Мерко. Со овој регионален систем за управување ќе бидат опфатени општините Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола.

Битолчани изразуваат негодување и стравуваат од дополнително загадување на животната средина.

„Депонија треба да си има секој град, а не централни депонии. Да се стави депонија во најплодното и најголемо земјиште во Македонија – Пелагонија, е вистинска лудост или тотално непознавање и негрижа. Пелагонија и целата област околу РЕК ‘Битола’ од неговото постоење се загадува од чадот на термоцентралата, па сега треба уште регионална депонија да стане. Таму и водите се загадени, Петтиот канал што минува низ Пелагонија е еден од најзагадените канали во Европа. Да не заборавиме, Пелагонија своевремено беше мочуриште. Зарем малку е ова, па сега треба уште регионална депонија“, реагира битолчанецот Владо Стојанов.

Граѓанските активисти за почиста животна средина се сомневаат дека со регионалната депонија ќе се работи по стандарди и дека нема да ја влоши и онака лошата слика со загадувањето на воздухот, почвата и подземните води.

„Целосно стандардизирана и современа депонија е благодат за секого, бидејќи таква депонија има 0% штетни ефекти, секако доколку со неа се управува во целост со правилата и стандардите. Од друга страна, кај мене лично постои огромна недоверба кон начинот на кој би функционирала. Од една страна јас сум за таква депонија, ама од друга страна – не. Не верувам дека со неа ќе се управува и дека ќе работи според сите стандарди, кои гарантираат 0% загадување и штетни ефекти“, вели Душко Груевски, граѓански активист.

Новата регионална депонија ќе биде со капацитет од приближно 37.522 тони смет на годишно ниво. Предвидено е отпадот да се селектира, а приходите од продажбата да ги користат јавните комунални претпријатија, велат од Министерството за животна средина за „Независен“.

„Треба да се напомене и дека во моментов целиот создаден комунален цврст отпад се отстранува на неконтролирани, нестандардни комунални и диви депонии и во двата региона. Поради тоа, постојат многу негативни влијанија врз флората и фауната. Формирањето на депонијата ќе овозможи затворање на сите неконтролирани депонии и ќе доведе до безбедно отстранување на остатоците од отпад на стандардната депонија, што ќе доведе до многу позитивно влијание врз околината. Ова подобрување се однесува не само на регионално ниво, туку и на локално ниво, бидејќи во моментов во границите на предложената локација работи нестандардна општинска депонија“, ни рече Каја Шукова државен секретар во министерство за животна средина.

Шукова напоменува дека се предвидени претоварни станици, а депонијата ќе биде проектирана да ги исполнува потребните услови за спречување на загадувањето на почвата, подземните води или површинските води и ефикасно собирање на исцедокот. Подлогата на депонијата ќе биде во согласност со европските и националните барања и стандарди и ќе вклучува (од долу нагоре) геолошка бариера, геомембрана, геотекстил и слој за дренажа, вели таа.

Од општина Новаци велат дека прокетот за регионална депонија е започнат во 2004, но до ден денес не е ништо конкретно преземено. Депонијата всушност ќе биде фабрика.

„Точно е тоа дека Општина Новаци се јавува како општина на чија што територија планирано е да се изгради регионалната депонија. Таа во суштина би требало да биде фабрика која што ќе го селектира и рециклира целокупниот отпад од кој органскиот отпад ќе биде подложен на процес на анаеробна ферментација од што би се добило биогас кој би се користел за производство на електрична енергија. Другиот отпад ќе се селектира на посебен начини ќе се пренасочува на финална рециклажа онаму каде што е наменет“, вели Стевче Стевановски, градоначалник на општина Новаци. Тој потврдува дека жителите на оваа општина во јули 2017 година на јавна расправа биле прашани за депонијата и дале зелено светло.

„Според она што како е замислена да функционира регионалната фабрика за рециклирање на отпадот која треба да ги задоволува сите ЕУ регулативи за модерна депонија загадувањето ќе биде сведено на минимум за разлика од она што сега се случува со депонијата Мегленци која не задоволува никакви стандарди и услови и екстремно ја загадува животна средина во Пелагонискиот регион. Регионалната депонија која се планира да се изгради секако ќе биде можност за нови вработувања за локалното население“, вели градоначалникот Стевановски.

На избраната локација, рударските активности се запрени долг период. Платото формирано по ископувањата се состои од камења од тиња и глинени седименти кои претставуваат слаби порозни зони. Локацијата не вклучува хидрантски точки. Црна Река тече на 6,5 км од локацијата и нема бунари за испумпување на подземните води во рамките на локацијата, велат од Министерството за животна средина.

Советот на Југозападниот плански регион донел одлука за формирање јавно меѓуопштинско претпријатие во Новаци за транспорт на смет.

Секоја од вкупно 18-те општини ќе го собира отпадот на својата територија со помош на јавните комунални претпријатија и за таа цел ќе добие нови контејнери и камиони. Предвидено е отпадот да се селектира, а приходите од продажбата да ги користат јавните комунални претпријатија.https://nezavisen.mk/vo-pelagonija-kaj-novaci-kje-se-gradi-regionalna-deponija-za-18-opshtini/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close