fbpx
Вести

Bo Бугарија само една третина од сирењето е од млеко кај нас тоа е растителен производ

Во нашата Агенција за храна не негираат дека се повеќе во оваа индустрија се користат алтернативи за производи што личат на млечни, но тие не смеат да се декларираат како такви и се продаваат на посебни рафтови за да не создадат заблуда кај потрошувачите

vo bugarija samo edna tretina od sirenjeto e od mleko kaj nas toa e rastitelen proizvod

 

Само една третина од млечните производи што се продаваат во Бугарија се направени од млеко. Во другите има палмина маст, млеко во прав или само млечни протеини. Фалсификати се прават и во цела Европска Унија. Симеон Присадашки, претседател на бугарското Здружение на млекопреработувачи, вели дека потребата по поголема заработка кај фирмите прави се почесто да се користат алтернативи, a се помалку млеко. Во нашата Агенција за храна не негираат дека се повеќе во оваа индустрија се користат алтернативи за производи што личат на млечни, но тие кај нас не смеат да се декларираат како такви, ниту да се продаваат на исто место со млечните за да не создадат заблуда кај потрошувачите.

Посебни декларации

Млекарниците во земјава работат согласно добиеното одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство, без оглед на тоа дали станува збор за преработувачи на млеко или за млекарници што произведуваат таканаречени композитни производи. Млечни производи, вклучително и сирење и кашкавал, се исклучиво производи добиени со преработка на сурово млеко. Доколку со технолошкиот процес на производство се дефинирани други состојки, тој производ е надвор од дефиницијата за сирење. Согласно законските и подзаконските акти што ја регулираат оваа материја, производителот не смее производот да го декларира како млечен, ако истиот не е направен исклучиво од сурово млеко велат во Агенцијата за храна. Според нив, сирењето или кашкавалот не можат да се декларираат како растителни, бидејќи согласно Правилникот за барањата за квалитетот на суровото млеко, стандардите за квалитет на консумното млеко, млечните производи и употребата на нивните називи и начинот на нивна употреба таков производ не постои.

– Тоа не е млечен производ, бидејќи тоа не го дозволува ниту начинот на дополнително означување на млекото и млечните производи, како и дозволеното отстапување на тежината во однос на декларираната. Таквите производи дозволено е да се декларираат како растителен производ, но не и како сирење или кашкавал велат во Агенцијата за храна.

Во поглед на продажбата на производите што содржат растителни масти или масла, истите покрај тоа што задолжително треба да се наведени во декларацијата, за да се елиминира можноста од доведување на потрошувачите во заблуда дека купуваат млечен производ, Агенцијата за храна и ветеринарство презема активности со кои обезбедува овие производи да се продаваат одделно од млечните, на друг, посебен рафт.

Чести контроли

Во Агенцијата велат дека вршат постојан надзор над оваа категорија оператори со храна во поглед на исполнување на општите и посебните услови за безбедност на храната и за заштита на правата на потрошувачите.

Врз основа на воспоставениот интегриран систем на контрола, Агенцијата за храна и ветеринарство врши постојан надзор над операторите со храна во поглед на исполнување на општите и посебните услови за безбедност на храната и за заштита на правата на потрошувачите велат во Агенцијата.

Деновиве бугарските млекопроизводители излегоа со податоци дека најголем дел од сирењето и кашкавалот кај нив не се произведени од млеко.

Најголем проблем има кај производите што се продаваат во рефусна состојба. За сирењето да биде квалитетно не му треба само бела боја, туку и млеко. Заедничко за сите е дека имаат ниски цени. Но не значи дека и ако платите скапо, ќе имате кашкавал од млеко велат млекопроизводителите во Бугарија.

Трансглутаминаза нова состојка за зреење

Производството на млечни производи со немлечни масти за кратко ќе излезе од мода тврдат бугарските медиуми. Сега во мода е новата „технологија” за производство на килограм сирење од само 3 литри млеко со користење на ензимот трансглутаминаза. Сомнежи, сепак, постојат кај барем 10 марки сирење дека се направени со помош на ензимот. Тоа е вид лепило за протеини и со него сирењето многу брзо зрее за разлика од класичното.

За оваа состојка многу малку се знае. Ниту е експлицитно дозволена ниту е експлицитно забранета за употреба во храна. На неа не е направена сеопфатна научна процена какво е нејзиното влијание за здравјето на луѓето. Ензимот е откриен во Јапонија во 1959 година. Познат е најмногу како лепило за месо. Co негова помош од различни парчиња можат да се направат хомогени маси за шунка. Во производството на храна, сепак, се користи релативно од неодамна.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close