Во Тиквешијата започна бербата на винското грозје од сортата вранец, откупот тече нормално иако количините се далеку помали од порано.
И додека лани лозарите ги молеа винарските визби да им го земат грозјето сега најверојатно, откупувачите ќе се натпреваруваат кој да откупи повеќе. Оваа година поради неповолните временски услови родот е намален за деведесет проценти но затоа пак има добар квалитет, вели Ѓорѓи Бебеџаков – сопственик на два откупни пунктови во Кавадарци.
– Дневната динамика е мнгоу слаба, бидејќи на повеќе пунктови се откупува грозјето, со мали количини, мислам дека нема повеќе од 4-5 милиони килограми, шеќерноста е презадоволителна но се е залудно кога нема доволно грозје, вели нашиот соговорник.
Цените и покрај очекувањата на лозарите сепак останаа исти.
– Во моментов се откупува вранецот а од денес започнуваме и со откуп на смедеревката. Цената за вранецот е 13 ден за килограм за одложено плаќање и 12 ден за кг за плаќање веднаш. За смедеревката цената е 11 денари за плаќање на одредено време и 10 ден за кг за плаќање веднаш, посочи Бебеџаков.
Исто така се почесто покрај откупните пунктови можат да се забележат и трговци од Босна и Албанија кои нудат 15 денари за килограм грозје набрано во гајба.
Лозарите и понатаму не им веруваат на винарските визби зашто како што велат повторно ќе си поиграт со нив, едно најавуваат а друго прават. Државата и ова година повторно ќе ја балансира лошата и нарушена состојба во лозарскиот сектор со давање на државна помош, како за лозарите така и за винарските визби.