fbpx
ВестиТоп вести

Време е за садење на доцната зелка

 

Крајот на јуни и првата половина на јули е вистинско време за садење на доцна или дополнителна зелка. Оптимално време за садење е од 20 јуни до 20 јули. Доцната зелка, доаѓа на второ место во плодоредот и се сади на местото на културите кои го завршиле својот развоен циклус. Најдобри преткултури за доцната зелка се грашокот, кој ја збогатува земјата со азот и житариците.

Одберете добри садници

За садење изберете добро развиени садници. Добриот расад има 5 до 6 развиени листови, со висина околу 10 см. Садниците на доцната зелка, треба да бидат здрави, без симптоми на болести и оштетувања од инсекти. Сите садници кои покажуваат знаци на оштетувања, кои се слаби и закржлавени, не треба да се садат.

Еден ден пред садењето, расадот на доцната зелка треба да биде добро наводнат, затоа што на тој начин ќе се намали стресот од садењето на постојано место. Садниците не треба да се наводнуваат на денот на садењето, затоа што тоа ќе доведе до кршливост на садниците.

Садење на расадот на доцната зелка

За садење најдобро е да се одберат парцели или леи на кои зелката и другите зелкасти растенија не биле засадени последните 4 години. Најдобри преткултури се мешунките (грашакот), тиквите и житариците.

Садењето се врши во ископана дупка на длабочина од 15 см, во која се додава ѓубриво и се залева со 1 литар вода. Добро е во ископаната дупка да се додаде една лажица пепел од дрва. Садниците на доцната зелка се садат длабоко, до котиледонските листови. Растојанието на садење зависи од сортите и условите за одгледување. Растојанието во редот е околу 50 см, а меѓуредното растојание е околу 70 см. После садењето треба да се изврши добро покривање со земја, така што ќе се направи контакт на земјата со корењата. После садењето, потребно е добро да се наводнат садниците.

Некои растенија посадени покрај зелката, ќе ја заштитат зелката од напад на штетници и појава на болести. Доматите, мешунките, нането, невенот, краставицата, блитвата, се добри соседи кои треба да се засадуваат во близина на зелката. Копарот, доколку се засади во близина, влијае на создавање подобар вкус на зелката.

Ако сончевата светлина е силна и температурите се високи, потребно е во текот на првите денови да им се обезбеди сенка на засадените садници, со што би им се овозможило полесно навикнување на условите.

Нега после садењето

Вкоренувањето започнува после садењето, а трае и до 15 дена. Поради тоа, потребно е да се остават одреден број на садници за пополнување на празните места, односно местата каде што растенијата не се зафатиле.

Посебно внимание треба да се посвети на наводнувањето на посадената зелка, затоа што зелката е голем потрошувач на вода. Секои 2 до 3 дена, потребно е садниците да се наводнуваат со 2-3 литри вода. Ритамот на наводнување и количината зависат од временските услови. После еден месец, садниците на зелката веќе имаат развиено корен во новата земја и развиени се. Може да се наводнуваат еднаш или два пати во текот на неделата во количина од 10 литри на метар квадратен.

Наводнувајте рано наутро или навечер. Ако се врши наводнување по принципот капка по капка, времето на наводнување не е многу важно. Најосетливи фази во развојот на зелката, што се однесува на потребите за вода се: садење на постојано место, формирање на листовите и формирање на главите.

За добар развој зелката бара многу хранливи материи и на тоа треба да се посвети вниманиие. Таа развива голема лисна маса и затоа на зелката и одговараат мешунките како преткултури, затоа што поради фиксација на азотот, го задржуваат азотот во земјата.

 

Првата прихрана со азотни ѓубрива се врши седум дена после садењето. Втората прихрана се врши во фазата на интензивен раст на листовите.

Во текот на развојот зелката ја напаѓаат многу штетници. Полжавите можат да и нанесат голема штета на зелката. Подлогата околу зелката може да се покрие со пепел или со искршени лушпи од јајца.

Пепелта може да се искористи и за заштита на зелката од зелковата пеперутка. Потребни е да се измешаат две лажици пепел од дрва со 10 литри вода, добро да се измеша и да се процеди. Во исцедениот раствор се додава и лажица на течен био детергент.

За заштита на зелката од малите инсекти кои можат да направат големи штети може да се искористи и раствор од лук.

Во текот на развојот, зелката треба често да се грли или малчира, затоа што таа не сака кора и плевел.

Бербата на доцната зелка е сукцесивна и трае од крајот на  октомври до средината на ноември. Се собираат тврди и добро формирани зелки (глави). Зелкините глави не треба долго да стојат во полето, затоа што после дождот, може да дојде до нивно пукање.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close