Задоволен земјоделец не ја напушта својата земја

 

 

Пеце Илиоски од с.Кривогаштани е еден од многуте млади земјоделци кој својата и егзистенцијата на семејството исклучиво ја гледа во  земјоделството.

Она што останало во наследство од дедо прадедо продолжува да го работи. „На мои 24 години влегов в банка и зедов кредит за да можам да инвестирам во земјоделското производство. Бев млад и оптимистички гледав на работите. Сакав и сакам да работам. Ама сега со кој да гледам иднина, со луѓе што не знаат да разликуваат малдо кромитче од лукче? Јас сум последен што ќе се откажам, ќе работам, ама не со надеж дека ќе се направи нешто поголемо…“, вака ја започна својатаприказна, Зелена берза, Пеце Илиоски 42 годишен земјоделец од општина Кривогаштани.

Заедно со своите родители , сопругата и децата работи на својот имот, дел наследен, а дел закупен. Во својата земјоделска кариера се занимавал со овци, крави, пољоделство, градинарство и се` она што можел да работи и да заработи. Вели дека работите во земјоделството многу се промениле. Како што се менувале условите така се обидувал да се преориентира на нешто друго што ќе може да го работи.

 

„До  1998 година имавме овци. Откако ги продадовме овците  од 2000 година почнав да  одгледувам крави. Почнав со 4 грла и постепено ја зголемував бројката за да стигнам до 25 грла. Не беше едноставно, но можеше да се живее.  Имав потреба од дополнителна работна рака, што  тешко се наоѓаше. Не можев да ги издржам  административните работи и обврските околу стоката и морав нешто да променам. Не може да се најде работник ниту за 500 евра плата. За 5 години кравите ќе останат само во големите фарми, помалите фарми нема да може да издржат, оценува Илиоски.  Одлучив наместо крави да одгледувам  јунци и телиња за тов. Во моментов имам 35 грла за тов. Нема голема заработка ама поинаку не се издржува“ додава тој.

 

Обработува 30 ха земјоделска површина. Сее  жито, пченка и суданска  трева. Вели дека земјоделската дејност е на работ на изумирање. Земја има, најквалитетна, но   тешко се наоѓаат работници.

„Пред три години со уште двајца ортаци заеднички обработувавме 5 ха пипер. Три години работевме, но годинава прекинавме. Имаше многу работа, а и заработка, но  повторно се соочивме со потребата од дополнителна работна рака. Не можеше  да се најдат аргати.Нема луѓе ниту за на бавча ниту за на тутун, па камоли за стока.Оваа година пак е многу тешка“- објаснува Пеце.

В о  работите вклучени се сите членови од семејството. Родителите , заради годините, веќе ги поштедува, но затоа пак тука се синовите кои многу помагаат. Располага со секаква земјоделска  механизација со што му се олеснува процесот, но сепак потребна е работна сила. Раскажува дека младите сѐ   поретко остануваат дома. По школувањето заминуваат од своите домови барајќи подобра иднина. Цели семејства си заминуваат.

„Не гледам иднина, јас сум последен што ќе се откаже, ќе работам додека се овде моите синови, ако не се тие  и да сакам нема да можам“, раскажува Пеце.

Вели дека ваквата состојба не настанала преку ноќ и дека проблемите се наследиле и наталожиле уште од бивша Југославија  така што за нивно решевање потребно е многу. Но сепак вели, дека ако земјоделецот е задоволен, нема да си замине.

И покрај ваквата состојба има многу идеи кои би сакал да ги реализира , но смета дека тоа е тешко изводливо. На прашањето дали конкурирал да искористи финасиски средсвта од ИПАРД фондовите  или некоја друга прграма,  вели дека процедурите се многу тешки. Набавил механизација преку Националната програма, но ИПАРД идруги мерки нема искористено. В ели дека самата подготовка и собирањето на потребната механизација се големо малтретирање. Идејата за дислокација на фармата со нејзино проширување останала само пуста желба.

И покрај  големите обврски што ги има со сета тежина и одговорност , сепак во неговите очи се забележува сјај на надеж кој буди оптимизам и со насмевка на лицето не поздрави и замина да ја коси суданската трева, која заради дождовите  не може да престигне да ја искоси.

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

 

 

Share Button