Заев: Секоја криза е нова можност, инвестициите тоа го потврдуваат
„Новите сериозни инвестиции во овие исклучителни околности во услови на пандемија, кога неизвесноста е голема, а иднината полна со предизвици, влеваат сигурност, обезбедуваат стимулирање на деловната активност и отвораат нови работни места“, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој заедно со министерот за здравство Венко Филипче, се обратија на отворањето на новиот производствен капацитет на НЈСК Холдинг во индустриската зона Ќојлија.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека станува збор за гринфилд инвестиција од фармацевтската индустрија изградена по највисоки стандарди, со софистицирано производство и висока додадена вредност за економијата.
„НЈСК Холдинг, гради успешна деловна приказна во нашата татковина и извезува производи на сите континенти. Успехот на секоја една компанија е и национален успех. Во оваа прилика дозволете ми да упатам порака до сите претпријатија во земјата, до сите претприемачи кои имаат потенцијал за интернационално пробивање, да ги насочат инвестициите во нови трендови и иновации, да го искористат моментот и да се фокусираат кон производство на производи и услуги со повисока додадена вредност, подготвени за извоз. Светската економија се преструктуира, а доколку сакаме да одиме напред ние мораме да фатиме чекор со глобалните економски трендови. Сакам да истакнам дека Владата е во комуникација со претставниците на компаниите од оваа дејност со цел оваа индустриска гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи. Во европските и светските пазари имаме стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани. Тоа отвора огромни потенцијали и пазари, верувам дека во таа насока Парламентот е подготвен за предложените законски измени за кои што имавме одредено блокирање во изминатиот период, а коишто со донесување на измени и дополнувања на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места. Ако тоа го направиме до крајот на оваа година, следната година очекуваме преку 250 милиони евра производство на канабис за медицински цели. Тоа ќе стимулира отворање на нови високо платени работни места“, изјави Заев и додаде дека одредени индустрии, може и тоа како да ја поттикнат домашната економија и да придонесат да се вратиме кон патеките на напредок и економски раст.
Заев упати пораки до инвеститорите дека секоја криза е можност за нов почеток и рече дека државата ги поттикнува тие процеси, затоа што само на тој начин, економските придобивки се неизбежни, за граѓаните, за претпријатијата и за економијата во целина.
Министерот Филипче се заблагодари на инвеститорите што, во ковид-кризата, изнајдоа сили да инвестираат во една значајна област, одгледувањето на медицинскиот канабис. Оваа област има иднина насекаде во светот и се повеќе клинички студии и докази дека медицинскиот канабис помага во многу состојби и дијагнози во сферата на медицината, пред сè во сферата на невронауката.
„Во изминатите две и пол години имавме одлична соработка, благодарение на оваа компанија на господинот Кескоски и нивните соработници успеавме и да ја официјализираме комуникацијата и соработката со т.н одделение за канабис при Германското министерство за здравство. Ова е поле кое има голема иднина, а во наши услови отвора можности и за многу работни места. Нашиот закон за опојни дроги е веќе во собраниска процедура. Ќе претрпи измени коишто дополнително ќе ги стимулираат инвеститорите, но и младите луѓе да ја гледаат иднината во нашата земја, затоа што ова значи работа за многу високо квалификуван кадар во сферата на фармацевтските науки“, потенцираше Филипче.
Министерот Филипче се заблагодари на полската држава што најде начин да инвестира, да даде поддршка и да докаже дека е еден од најсериозните партнери исто како и Германија, посебно во кризата.
„Полска беше земја која го понуди учеството да ние стигнеме до вакцината за коронавирусот во периодот којшто следува“, изјави Филипче.
Златко Кесковски, извршен директор на НЈСК Холдинг дел од групацијата ФармаКан Интернационал, рече дека компанијата и во време на криза најде сила да инвестира и да вложи средства за реализација на објектот кој ги поседува сите највисоки и современи стандарди за одгледување на медицински канабис и негов третман до финален фармацевтски производ како хербален продукт и негова преработка во висококвалитетен екстракт.
На настанот се обрати и амбасадорот на Полска во Република Северна Македонија, Војциех Тицињски, а присуствуваа и претставници на раководствата на стопанските комори и деловната заедница, соопштуваат од владината прес служба.