fbpx
ВестиСоветиТоп вести

Заштита на виновата лоза: Како да ја препознаете фитоплазмата и да ја сузбиете?

Ако во вашето лозје забележите црвенило на листовите, задебелување на листовите на виновата лоза или проблем со задрвенување на чокотот, знајте дека имате проблем со фитоплазма. Овие микроорганизми доведуваат до измрзнување на виновата лоза и тоа директно влијае на намалување на приносот и квалитетот на грозјето. Единствен начин да го спречите тоа е на време да извршите проценка и да ги преземете потребните мерки за заштита. Еве како тоа да го направите.

Покрај бројните болести, како што се вироза на виновата лоза или пламеница кои се јавуваат кај лозјето, како и белата трулеж на грозјето, намлувањето на приносот често го предизвикуваат и фитоплазмите. Овие микроорганизми, најблиски се до бактериите и од нив се разликуваат само по неколку клучни работи. Немаат ќелиски ѕид и се со различен облик. Не можат да се одгледуваат на подлога и единствено може да се најдат во нивните домаќини и тоа само во спроводните садови на растението. Поради тоа што немаат постојан облик поминуваат од ќелија во ќелија и на тој начин се движат по целото растение. Фитоплазмите се патогени за растенијата, но и за животните, односно инсектите кои се нивни пренесувачи. Растението кое покажува симптоми на еден ластар, во еден дел, системски е заразено и не е доволно само да се одрежи заразениот дел.

Симптомите на фитоплазмата се црвенило на лисјата, листовите се црвени кај црните сорти и се завиткуваат надолу, поради акумулација на скроб во самиот лист, а со тоа листот станува задебелен и крцкав на допир, односно кога се гужва со рака, а тоа настанува при запушување на спроводните садови, затоа што шеќерот од листот не може да оди во растението и се насобира во листот, кој пак не може да врши фотосинтеза и доаѓа до појава на боја и насобирање на скроб во него.

Она што црвенилото на виновата лоза кое е предизвикано од фитоплазма го разликува од другите црвенила, кои ги предизвикуваат вируси и други физиологии се нервите кои се заивичени по зони и листот не е веднаш цел црвен, туку постепено се бои. Кај белите сорти грозје, листовите не црвенеат, туку пожолтуваат и се помалку забележливи.

Она што уште се појавува кај заразениот чокот е недостаток на задрвенување што директно доведува до измрзнување при силни зими и директно влијае на приносот поради некроза на гроздовите. Дури и ако не дојде до некроза, квалитетот на тоа грозје е значително нарушен, доколку растението е заразено со фитоплазма.

Постојат повеќе фитоплазми кои можат да ја заразат виновата лоза. Кај нас, практично присутни се само две Bois noir (Црно дрво) предизвикана од stolbur фитоплазма која ја пренесуваат цикадите Hyalestes obsoletus и Flavescence doree (златно жолтило) или FD фитоплазма која ја пренесува цикадниот вектор Scaphoideus titanus. Разликата помеѓу тие две болести е голема, но и симптоматологијата речиси никаква и невозможно е да се разликуваат по симптомите кои се јавуваат на растенијата. Единствен начин да се утврди со која фитоплазма е заразена виновата лоза се молекуларните методи.

Фитоплазма Црно дрво (Bois Noir)

Оваа фитоплазма, кај нас е одамна присутна во сите лозја и ретко предизвикува значајни штети. Нејзини природни домаќини се плевелот и копривата, но со време се проширил спектарот на домаќини и се јавува на пченката, пиперката, доматот, тутунот, компирот, целерот, на разни видови цвеќиња. Најголема штета предизвикува на пиперката. Се појавува на сите овие растителни култури, затоа што нејзиниот вектор се храни на сите тие растенија и така ја пренесува фитоплазмата.

Cikada Hyalestes obsoletus ретко се храни на виновата лоза, најчесто кога е суша и нема плевел и никогаш нема да се храни доволно долго на виновата лоза за таа да ја усвои фитоплазмата и таа не може да биде извор на зараза за другите чокоти, ниту пак за другите растенија.

Мерки на сузбивање:

Со уништување на плевелот, ги елиминираме растенијата – домаќини за векторите, со што го елиминираме и самиот вектор, а со тоа и самата болест. Flavescence doree е болест која кога ќе се појави и каде што ќе се појави предизвикува значајни штети и доколку не се сузбие, последиците се катастрофални. Ја заразува само виновата лоза и ја пренесува векторот Scaphoideus titanus, кој е олигофагна врста и се храни на родот од растенијата, односно и на дивата и на питомата лоза и тука го поминува целиот животен циклус, од јајце до возрасна единка.

Фитоплазма Златесто жолтило

Историски гледано, природно седиште на Scaphoideus titanus е Северна Америка, а во Европа е пренесен со увоз на подлога. Неговото присуство, прво е утврдено во Франција, а се проширило понатаму во Италија, Австрија, Унгарија, на Балканот. Болеста, покрај преку вектори се шири и преку садниот материјал, но не и со ветер, преку земјиштето, режењето или водата.

Пренесувањето по пат на садници, посебно е опасно, затоа што калемењето се врши во зимските месеци во периодот на мирување, а тогаш невозможно е да се знае кое растение е заразено, а кое не. Исто така, значајно е да се знае дека две лози кои се користат за подлоги, не покажуваат симптоми на болест.

Мерки на сузбивање:

Иако, Flavescence doree е фитоплазма која предизвикува значајни штети во лозјето, нејзиното сузбивање е релативно лесно. Потребно е да се сузбие пренесувачот на болеста, односно векторот Scaphoideus titanus,  а тоа се прави со третман на виновата лоза, на која тој се наоѓа. На крајот на месец мај е периодот на пилење на оваа цикада, тогаш ја усвојува фитоплазмата со што почнува инкубацијата од 25 дена.

Се препорачуваат две прскања со инсектицид во текот на јуни, отприлика околу 5 ти и 20 ти јуни, кои ја сведуваат популацијата на оваа цикада на минимум. Во случај на повеќе жаришта на оваа болест, може да се применуваат и три третмани. Важно е да се напомене, дека заболените чокоти не можеме да ги излечиме и треба да се елиминираат, но можеме да ги спречиме новите инфекции во лозјето.

 

Зелена берза

Слични написи

Back to top button
Close