Затворен добиточниот пазар во Облешево
По налог на Агенцијата за храна и ветеринарство од вчера е затворен добиточниот пазар во Облешево, поради појавата на болеста чвореста кожа кај добитокот. Затворањето на пазарот, кој секој вторник ги собира сточарите од повеќе делови на Македонија и трговци од државата и јужна Србија, денеска ги изненади многумина. Десетината говеда,свињи, јагниња и јариња беа вратени дома, а одговорните од добиточниот пазар не дозволија во него да влезе било каква стока.
– По известувањето од Агенцијата за храна и ветеринарство ги презедовме сите потребни мерки добиточниот пазар да биде затворен и да не се дозволи пристап на непроверена стока. Штетите ќе бидат големи од неработењето на пазарот како за нас така и за сточарите – истакна Стефчо Николов, раководител на добиточниот пазар во Облешево.
Николов апелира до сточарите во меѓувреме да ја вакцинираат стоката што ја поседуваат и со потребните сертификати издадени од ветеринарни институции да можат да влезат на пазарот кога тој ќе биде отворен за користење.