Револт и нервоза кај прилепските земјоделци од работата на подрачното одделение на Министерството за земјоделство во Прилеп кое поради застој во компјутерскиот систем (серверот не работел)деновиве не им издавало потврди на земјоделците, за да аплицираат по четири јавни повици за давање закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. Нервозата кај земјоделците кои реагираат до редакцијата на „Зелена берза“ е дотолку поголема што последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот повик е 22 јануари годинава.
-Решение од Подрачната единица треба да имаме за да извадиме елаборат во Катастар за да аплицирам за земјиште, таму ни велат дека системот не работи. Она е чисто изживување веќе две недели. Јавиле Скопје и сега чекаат, но времето си врви. Ќе останеме со „куси ракови“ заради нив, вели земјоделец од Прилеп кој обработува 200 декари земјиште под концесија, произведува житарици и сончоглед. Нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен вели дека сакал да аплицира за уште три хектари земјиште, колку што овозможува оваа мерка.
Информацијата дека компјутерскиот систем во Прилеп не работи ни ја потврдија од Министерството за земјоделство во Скопје, од каде од одделението за координација на подрачните единици ни кажаа дека ќе им испратат насоки во ПЕ во Прилеп како да постапуваат во ваков случај со издавањето на потврдите.
Во меѓувреме „Зелена берза“ контактираше со ПЕ во Прилеп од каде доби информација дека системот иако не работи досега се издадени над 50 потврди на земјоделци да аплицираат на повикот. Од таму велат дека „потврдите се издаваат рачно врз основа на решенија од 2018-2019 година и дека сите земјоделци заинтересирани за повикот до 22 јануари ќе добијат потврди“.
Во тек се четири јавни повици за давање закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека се во тек вкупно четири јавни повици за давање закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. Последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот повик е 22 јануари 2020 година.
– За разлика од огласите во кои Министерството ги објавува расположливите парцели, со овие јавни повици, земјоделците имаат можност самоиницијативно да пројават интерес преку подготовка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик, за земјиште за кое имаат информација дека е слободна земја. Целта на овие јавни повици е да се стави во функција целото расположливо земјоделско земјиште, вклучително и оние парцели што не се атрактивни. Земјиштето може да се искористи за подигање на долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам, се вели во соопштението.
МЗШВ на овој начин, како што се наведува, создава поволни услови за сите земјоделци кои се занимаваат со земјоделство и за оние што сакаат да го прошират своето производство или да започнат агробизнис, да дојдат до земјоделско земјиште.
– Истовремено, преку ваквиот тип на повици директно се зголемуваат обработливите земјоделски површини. Сите заинтересирани земјоделци детално може да се информираат за овие повици на официјалната страна на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, кадешто може да го пополнат и својот образец, стои во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Како што соопшти МЗШВ, првиот јавен повик за доставување понуди за давање закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за сите катастарски општини е во следните региони: Врапчиште, Гостивар, Тетово, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Демир Хисар, Гази Баба, Кисела Вода, Чаир, Карпош и Куманово.
Вториот јавен повик за доставување понуди за давање закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост е за сите катастарски општини во следните региони: Битола, Македонски Брод, Виница, Делчево, Кочани, Крива Паланка, Крушево, Кратово, Кавадарци, Росоман, Неготино, Пробиштип, Радовиш и Велес.
Третиот јавен повик за доставување понуди за давање закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за сите катастарски општини во следните региони: Берово, Пехчево, Валандово, Гевгелија, Струмица, Прилеп и Штип.
Четвртиот јавен повик за доставување понуди за давање закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за сите катастарски општини во регионите Кавадарци, Росоман, Неготино, Ресен, Струга и Струмица.
Предмет на постапката на овие повици може да биде земјоделско земјиште во државна сопственост над кое нема подигнато насад, врз кое нема востановено право на закуп, право на плодоуживање, за кое не се води постапка за денационализација или постојат други пречки за доделување на земјиштето во закуп.
Предмет на понудата согласно овој јавен повик може да биде само земјоделско земјиште кое не е предмет на тековни јавни огласи објавени на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанството.
Површината за која што може еден понудувач самостојно со геодетски елаборат да достави понуда и да ја добие по јавниот повик (за една, повеќе или дел од катастарска парцела) изнесува најмногу до три хектари.
А.Блажевска