вестиТоп вести

 Земјоделците дојдоа до питачки стап поради лошата земјоделска политика

 

Зелена берза беше во посета на неколку села во тетовско, кои се специфични по одгледување на одредени земјоделски производи. Заклучокот од оваа посетa е единствен, а тој е – Нема каде што нема проблем.

Селата од долниот дел од Општина Јегуновце претежно се занимаваат со производство на пченка и грав. Но тие овие производи не можат каде да ги пласираат посебно познатото тетовско гравче поради неконтролираниот увоз на грав од азиските земји кој се продава по многу ниска цена. Поради ваквата состојба, мештаните ги намалуваат површини засадени со грав.

На само десетина километри од овој дел на Општина Јегуновце во тетовска Брвеница сликата е уште полоша со познатата тетовска јаболка. Таму луѓето исто така поради немање на пласман ги корнат јаболковите насади.

Поради ваквата состојба голем дел од земјoделците од овој дел на Македонија произведуваат само за себе.

Бевме и во тетовско Камењане. Велат дека имаат големи трошоци и на крај произведеното не можат да го продадат. Тие велат дека за разлика од пред триесетина години во времето на поранешна Југославија имало многу подобри закони од денешните, затоа и во тоа време земјоделието оделе напред.

Сега велат дека секаде има проблем, и со јаболката и со грозјето и со пченицата, единствено регулирано е со тутунот.

-Во времето на поранешна Југославија бизнисменот кој што носи банани, за еден шлепер банани тој требаше да врати еден шлепер јаболка. Јаболкoтo не остануваше како сега.  И сега државата се правда со слободен пазар дека ние сме членка на ЦЕФТА, што ќе ни е е нас ЦЕФТА, ако младите ни заминуваат. Ние не можеме со пченица да им конкурираме на Србија. Ние немаме површини. Но ако цените на пченицата се приближни со српските зошто да не биде и брашното со таа берза. Едно кило брашно кај нас  е 25 денари, а оваа година по десет денари некаде по просек отиде пченицата, лани  8 денари. Сега ако министерството и владата не преземе ништо, јас мислам дека за десет години нема кој да произведува, рече еден земјoделец од Камењане.

Голем проблем е што за земјоделците државата ги нема обезбедено основните услови за работа, ниту имаат патишта ,ниту канали за наводнување, велат од Национaлната федерација на фармери. Додаваат дека земјоделските политики ги довеле земјоделците до питачки стап. Државата ветувала се и сешто да се формираат задруги, моментално ги има 40, но и тие ќе ги снема за краток период ако се продолжи со истата политика

-Дека ако ти се член на една задруга и ако си неврабетен автоматски те бришат од листата на невработени. Ти велат ти си вработен, но не си ти вработен во фирма, тоа е задруга каде сиромашните земјоделци се здружуваат да го продадат својот производ. Ние како организација сме присуствувале во Србија, таму е друг законот, ако се формира мала задруга државата дава 50 000 евра неповратни средства, а ако формираат поголема задруга во рамки на постоечката, тогаш државата ти дава 100 000 евра. Кај нас е нешто друго. Тука ти вели ти вложи па ние ќе ти вратиме 90 %. Сега задруга може да формираат само сиромашни земјоделци, но тие немаат пари па мора да се задолжат со кредит, и ако земат кредит мора да дадат влог во град, а таму селаните немаат ништо, а во село тоа што го поседуваат не им го признаваат. И не можам да задолжам некој граѓанин да го стави својот стан под хипотека има голема недоверба. Прво сме побарале зошто да нема банковна гаранција од државата. Јас сум побарал да има банковна гаранција. Јас ако платам 50 % на пример рестото нека го плати државата. Зошто да се задолжувам. Дека се случува кога ќе дојдат на контрола не ти признаваат колку си платил некоја машина, ти им велиш 8 000 евра, тие ти велат ова чини 6 000 евра. И затоа голем број на земјоделци не се одлучуваат да формираат задруги, вели Мемет Синани потпретседател на Националната федерација на фармери.

Вели дека од година в година се намалува производството на земјоделските продукти, и еден ден Македонија од земјоделска држава ќе стане зависна за сите земјоделски продукти

-Министерот за земјоделие на пример може да ја дефинира цената на пченицата, ќе ви кажам како. На пример на Македонија и требаат стокови државни резерви Ние како организација сме побарале од 1 јули како што е во Србија да почне откупот на стокови резерви.Тогаш државата  кога ќе откупи пченица од мене ќе ми каже цената е таа, и ние понатака нема што да се пазариме со млинарите. Тогаш веќе ќе ја имаме цената. Замислите во 1993 година цената на пченицата беше 12 денари плус 2 денари субвенции, а сега 8 до 10 денари е , ако кога била 1993 година и парите повеќе вределе, рече Синани

Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделието, велат дека земјоделците мора да го окрупнуваат своето производство, односно да се здружуваат со цел да бидат посилни на пазарот кога ќе имаат поголеми количини од некои производи тогаш и ќе има повеќе заинтересирани купци.

-Мора и државата да обезбеди подобри услови за земјоделците како пат, системи за наводнување, но и да се решат имотно – правните проблеми кои ги имаат земјоделците. Нивите се уште им гласат на нивни роднини иако тие се нивни, односно не се воопшто префрлени, па тука имаат проблеми со добивање на средства од ИПА програмата не можат субвенција да земат и слично.  Се надевам дека ќе се подобрат работите сега се подготвува и нов закон за земјоделските задруги и тоа во корист на земјоделците, рече Петре Петрески раководител на Агенцијата за поттик и развој на земјоделието подрачно одделение Тетово.

Зоран  Димовски

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close