Земјоделците од кочанско сеуште без отштета

До Подрачната единица (ПЕ) на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во Кочани 409 земјоделци, претежно лозари и овоштари, поднеле барања за обесштетување од пролетниот мраз кој наместа уништи 100 проценти од насадите.

Според раководителот на ПЕ Горан Миладинов, иако списокот на земјоделци кои имаа големи штети е навреме испратен до МЗШВ, процедурата заглави и досега обесштетување не добил ниту еден лозаро-овоштар.

– Списоците со имињата на земјоделците беа испратени до МЗШВ, таму се пргегледани и препратени во Бирото за судски вештачења. Откако ќе се изврши вештачењето на сите производители кои се јавуваат како баратели за помош од доцниот мраз, списоците  ќе се препратат до Платежната агенција и луѓето ќе ги добијат парите, изјави Миладинов.

Земјоделците, додаде, засега немаат никаква обврска за поднесување документи за обесштетување. Преку медиумите ќе бидат информирани кога да ги донесат своите трансакциски сметки за исплата на средствата.

Share Button