fbpx
ВестиТоп вести

Земјоделие или туѓина?

Дедебалци, пелагониско

„Од кога паметам, од дете сум во земјоделието. Чував крави и се продадов, ако дојдам во ситуација повторно да чувам крави, јас бегам од државата. Почнувам да размислувам за странство. А, ако заминам во странство ќе работам со бетон, градежник. Тоа го работев во Австралија и добро заработував. Вака со земјоделието работиш, а  молиш да ти ги исплатат твоите пари“. Вакво е размислувањето на Горан Тасевски од пелагониското село Дедебалци, земјоделец на 37 години, кој обработува над 50 хектари од плодната житница Пелагонија.

Состојбите во македонското земјоделие многумина земјоделци ги става во дилема дали да продолжат со обработката на земјата или да заминат во туѓина.

Тасевски вели дека за да се променат работите она што треба властите да го направат за  земјоделието е сигурен откуп, и да се знае откупната цена  на секој земјоделски производ однапред.

– Јас треба да ги орам нивите за догодина да ги подготвам за жито. Ако ја знам  цената  од сега нема да се мачам. А, ако ни кажат дека цената за килограм жито ќе биде 12 денари секој  од нас земјоделците ќе се потруди за повеќе да произведи и да сработи како што треба. Вака сите ние земјоделците сме во дилема, да сееме или не, и накрај пак ќе посееме и ќе имаме загуби, вели Тасевски.

Тој  веќе 14 години е регистриран земјоделец и во досегашната работа се соочил со негативни искуства.

-Чував 16 молзни крави  и над  25 телиња, стоката ја продадов после аферата Сведмилк  иако млекото го предавав  во Битолската млекарница. Клучно да се откажам од сточарството беше драматичното  намалување на цената на млекото од 29 денари за литар сурово млеко на цена од 13 денари. Изгубив убава сума на пари. Дневно предавав  400 литри млеко. Не дочекав да се покачи цената на млекото, топтан ја продадов стоката. Се откажав од кравите, раскажува Тасевски за пред десетина години кога македонското сточарство се најде во голема криза.

Егзистенцијата на семејството Тасевски главно се темели на  производството на тутун, иако произведува и жито, сончоглед и пиперво изминатите неколку години. Проценува дека во последните години  земјоделците добро заработуваат од производството на тутунот и висината на државните субвенции за оваа земјоделски култура.

-На површина од 4 хектари произведувам околу 6 тони тутун. Последните години цената на тутунот се движи околу 220 денари и плус субвенциите, цената стасува до кај 270 денари од килограм. Задоволен сум од тутунот иако имам проблем со ангажирање на аргати. Цената за аргатлакот е многу поскапена и не можеш да ги најдеш за да сработат. Јас се уште дневно еден аргат плаќам по 140 денари од час, иако како што сум чул некои земјоделски производители дневно аргат плаќаат и по 170 до 180 денари од час. Кога ќе се додаде и кафето, сокчето и малку храна трошокот е голем. Дневно ми се потребни околу 8 аргати, ама бидејќи тешко е да ги најдам ангажирам 6, а со нив работиме и јас и сопругата и мојата мајка, вели Тасевски.

Овој пелагониски земјоделец вели дека наспроти висината на субвенциите за тутунот , не е задоволен од субвенциите за житото , бидејќи цената по засеан хектар е намалена од околу 9000 денари  на 6000 денари по хектар. Секоја година сее по околу 20 хектари жито. Пченицата  целосно ја продава, а годинава заработил по 10 денари од секој килограм жито и вели дека цената е подобра во споредба со ланската реколта кога житото  му било исплатено за безмалку 8 денари од килограм.

-Годинава се покачи цената на житото, мрднаа работите, но сепак не сме задоволни. Житото го работиме заради што имаме  земено земјиште под концесија од државата 20 хектари  и од  индивидуални лица уште 17 хектари под закуп и заедно со моите сопствени ниви  вкупно  обработувам околу 50 хектари земја. Ако не ја сеам со жито земјата што сум ја зел од државата ќе треба да ја откажам, ама се надевам на подобри времиња за земјоделците и затоа се уште ја работам. Од житото ќар немам, се поклопуваат трошоците со добивката. И таму се покривам со тутунот, вели Тасевски.

Овој земјоделец се зафатил да произведува и пиперка „капија“ на површина од еден хектар. Секоја години е во неизвесност заради пласманот на пиперката.

-Лани од цената бевме задоволни, пиперот го немаше, го бараа трговците, но има години кога пласманот оди многу тешко. Пред две години исфрлив 20 тони пиперки,зошто црвената пиперка трговците ми ја плаќаа по 6 денари од килограм,  амене само 5 денари мечинеа аргатите. За еден денар  добивка не ми се исплатеше  да ја носам на откупните центри со тракторот. Лани пак, зелената пиперка достигна 10 денари од килограм што беше добра цена, пресметува нашиот соговорник.

Тасевски вели дека земјоделците од Дедебалци и уште петнаесеттина околни села се на голема мака со наводнувањето на нивите. Засега никој од надлежните не покажал интерес да го реши проблемот, ниту од Министерството за земјоделие.

-Она што не мачи сите нас е што немаме вода, немаме систем. Тоа ни е голем проблем, зошто водата е до Црна Река, се друго, селата од  Ношпал, па се до Рибарци се без вода. Јас имам издупчено преку 30 бунари по 20-30 метри под земјата и нема ни капка вода. Овде е таква земјата што нема никаде вода. Пиперот го садам на ниви каде што има малку водичка, и земам  ниви под наем во Чарлија заради водата. Деветтиот канал врви низ селото, неколку пати сме разговарале со властите да им се олесни на земјоделците, но засега ништо. И во Министерството за земјоделие три пати молби пуштивме, ама ништо, не посетуваат министри само пред избори и толку, реагира Тасевски.

 

Анета Блажевска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close